Преку отворена петиција се бара од градоначалникот на Oпштина Охрид, Кирил Пецаков, да формира јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни и воспоставување систем за контрола на популацијата.
Нејзин автор е Сања Николоска преку веб-платформата change.org каде веќе собра околу 300 потписи.
„Охрид, најголемиот туристички центар во Македонија, постојано се соочува со сè повеќе и повеќе бездомни животни, за кои за жал се грижат само неколку поединци и се оставени сами на себе едвај да преживуваат и да талкаат низ улиците на градот, оставајќи слика пред туристите на место кое не води никаква грижа за доброто на животните и своите граѓани, а тоа треба да биде примарна должност на општината“, стои во петицијата.
Во неа се наведува дека градоначалникот Пецаков има можност да биде првиот градоначалник на Охрид кој ќе го реши овој горлив проблем за бездомните животни, жителите и туристите.