Граѓанската иницијатива „Арсена“ вчера поведе граѓанска Петиција за намалување на цената на водата од градскиот водоводен систем во Гевгелија на ниво на техничка вода, со цена од 5 денари за потрошен кубик.
Поводот за ваквите активности на „Арсена“ е неколкугодишното игнорирање на локалните власти и јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гевгелија да се соочат со проблемот со високата конентрација на отровниот металоид арсенот во градскиот водоводен систем и забраната за употреба на водата изречена од државната Агенција за храна и ветеринарство.
„Општинските власти и пред се’ Советот на општина Гевгелија досега не обезбедија мерки за снабдување на гевгеличани со чиста вода за пиење. Иако повеќе од 4 години и 4 месеци е на сила забраната за употреба на водата поради констатирани енормни концентрации на арсен кои се движат од 50 до 130 % над максимално дозволената граница пропишана од СЗО, локалните власти и ЈПКД „Комуналец“ не се ниту обидоа граѓаните да ги известат дека водата смеат да ја користат само како техничка вода. Од тие причини, а и според Законот за заштита на потрошувачи, корисниците на вода од градскиот водоводен систем се должни да го плаќаат тоа што го добиваат – техничка вода за одржување на хигиената, а не и отровниот арсен за кој надлежните не најдоа, ниту воведоа решение за елиминација на арсенот од водоводната мрежа“, изјавуваат од Арсена.
Додека траеше штандот отворен на просторот од градското шеталиште „Маршал Тито“ и претходните три дена од системот „од врата на врата“, членовите на иницијативата ја добија поддршка од 215 жители на општина Гевгелија. Гевгеличани беа едногласни и не трошеа време за убедување и уверување за исправноста на Петицијата, одговарајќи дека знаат за проблемот со арсенот и редно е веќе да се направи нешто во врска со тоа прашање.
„Согласно препораката на Јавната здравствена установа „Институт за јавно здравје на РМ“ во која е констатирано дека водата од гевгелискиот водовод не е безбедна за консумација од страна на човекот, ние граѓаните на Гевгелија и населените места, како корисници на вода од градскиот водоводен систем во Гевгелија, бараме од надлежните: Управниот одбор на ЈПКД „Коминалец“ и Советот на Општина Гевгелија како негов основач и верификатор на одлуките на јавното локално комунално претпријатие да донесат ОДЛУКА за усвојување на Петицијата“, стои во текстот граѓанската петиција. Воедно, граѓаните бараат ваквата цена за техничка вода да трае се’ до моментот на обезбедување на чиста, здрава и безбедна вода за пиење за граѓаните на општина Гевгелија.
Огромниот одзив на гевгеличани да се придружат со соерачен потпис на денешната акција ги охрабри членовите на „Арсена“ да упатат порака и до останатите свои сограѓани да го искористат своето демократско право и со лични иницијативи, односно поддршка на петицијата да го остварат своето право – да го плаќаат она што го добиваат од ЈПКД „Комуналец“, а не и отровниот арсен.
Инаку, петицијата за намалување на цената на водата од градскиот водовод на ниво на техничка вода е дел од проектот „Граѓаните и Арсена до чиста и здрава вода за пиење во Гевгелија и населените места“, поддржано од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) „Цивика мобилитас“, кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU).