Пет прекршочни пријави за транспортни компании заради непочитување на протоколите за Ковид-19

Пет прекршочни пријави за правни лица од Охрид, Штип, Ресен и Скопје поднел Државниот инспекторат за транспорт заради непочитување на  Протоколот за превоз на патници кој произлезе од кризата со Ковид-19, во периодот од 8 до 16 декември, соопшти денеска претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска. Во истиот период, Инспекторатот за транспорт извршил 29 надзори по Законот за заштита на населението од заразни болести.

Државниот пазарен инспекторат изрекол 30 прекршочни пријави, 60 решенија за констатирани неправилности, како и 30 прекршочни патни налози по извршената 5.031 контрола и 510 надзори. Во шест случаи, тие изрекле мерка забрана за вршење дејност на шест угостителски објекти, односно, по два во Тетово и Куманово и по еден во Скопје и Гостивар, и истите ги затвориле на лице место, а и дополнително им изрекле прекршочни платни налози.

Инспекторатот за труд, во истиот период, во 10 случаи констатирал прекршување на протоколот за превентивни мерки и изрекле соодветна мерка, но и дополнително изрекле 5 прекршочни  платни налози, од кои еден е изречен поради неносење на заштитна маска на работно место. Дополнително, Инспекторатот изрекол и 26 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи.

Филиповска-Грашкоска на денешната прес-конференција истакна дека инспекциските служби кои вршат надзор и контрола на протоколите ќе ги интензивираат теренските контроли и активности, со цел одговорно прославување на претстојните празници.