На 26 јуни во 20:30 часот, во киното на Железничката зграда во Скопје ќе се одржи изведбата на перформативниот шетачки есеј – радио драма во три чина насловена како „Градот е јавност – #2 дел, Случајот Скопје 1945-2025“. Тој е колаборативен уметнички проект на Филип Јовановски, куриран од Владимир Јанчевски, а како актерка/изведувачка се јавува Мартина Даниловска.
,,Низ својата долгогодишна пракса на градење платформи и искуството, Филип Јовановски го поставува прашањето за тоа на кој начин нашето секојдневно искуство на градот и градскиот амбиент, неговото минато и сегашност, можат да бидат искористени како содржина и театарска сцена, како изложбен простор кој се доживува преку прошетка, дискусија, експериментална работа во лабораторија или практичните аспекти на секој нов продукциски предизвик. И претходните изведби, како шетачко искуство низ физичкиот простор, но и љубопитноста и препуштањето на имагинацијата се истовремено и истражувачка методологија и уметничка форма. Овој перформативен есеј, во форма на видео инсталација и радио драма, кој се заснова на шетачки тури, ги преиспитува границите на уметничките конвенции, дисциплинарните граници и ригидните форми, без да заглавува во самодоволната дискусија на една тесно дефинирана уметничка сфера“, вели Владимир Јанчевски за перформансот кој ќе се изведе овој четврток.
Авторскиот, драматуршки концепт и простор/сценски дизајн е на Филип Јовановски, креативна продукција, соработник на авторскиот концепт е Димитар Милев. Соработници на сценски дизајн се Димитар Милев, Екатерина Добривојевска и Екатерина Николовска. Кураторска поддршка е Софиа Григориаду, драматуршка поддршка е Владимир Јанчевски. Истражувањето е на Мартина Пенева, Екатерина Николовска, Калина Трајановска и Крсто Григорјадис, продукциска поддршка на Денис Сарагиновски , а изработката на сценографија на Мемед Mемети и Горан Ивановски. Креативен тим на соработници се Марија Аризанковска, Катарина Томиќ и Бојана Вуковојац.
Продукција е Лабораторија за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“ во рамки на програмите на платформата за современа уметност и култура Факултет за работи што не се учат – АКТО фестивал за современи уметности.
Филип Јовановски дипломирал на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, а магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје во 2019 година со проектот „Кога зградите би зборувале“. Јовановски со неговиот изразен интердисциплинарен пристап истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, театар, видео, архитектура, филм и просторни инсталации. Најчесто уметничко изразно средство се просторните визуелни интервенции во јавен простор. Тој создава долгорочни општествено-ангажирани уметнички проекти, кои се базираат на истражување и честопати во соработка со различни заедници. Во своите проекти, тој се обидува да ги разоткрие скриените механизми на доминантните позиции на моќ, кои водат кон уништувањето на јавниот простор и јавното воопшто, притоа деконструирајќи ги и поттикнувајќи различни алтернативи на капиталистичкото живеење. Неговите дела се трансформации на политички и општествени категории во просторни слики. Често за своите дела користи јавен простор или го креира, како и неконвенционални и алтернативни изложбени простори.
Проектот „Градот е јавност: случајот Скопје (1945-2025)“ е продуциран како дел од долгорочниот проект градот како сцена: изведување на јавниот простор, поддржан од Програмата за култура на Швајцарска амбасада во Македонија и е претставен како дел од поширокиот кураторски концепт „Градот како сцена: еколошки иднини“ кој се случува во киното на железничката зграда во партнерство со ГЕТЕ Институт Скопје и списанието во областа на архитектурата и урбанизмот „ARCH +“.
Партнери на проектот „Градот како сцена: еколошки иднини“ се и Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Пловечки универзитет – Берлин, Факултетско студентско собрание на Архитектонски факултет при УКИМ.
Партнери на проектот „Градот како сцена: изведување на јавниот простор“ се Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, ГЕТЕ ИНститут Скопје, Институт за уметност и театар од Чешка- Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор(PQ), ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Факултет за драмски уметности – УКИМ Скопје, FONTYS Универзитетот за Уметност од Тилбург – катедра за мастер студии Performing public spaces.
Фото: Наташа Гелева