Стево Пендаровски со 436.212 гласови, односно 51,7% од граѓаните кои гласале, победи во вториот круг на изборите за претседател на Република Северна Македонија, додека Гордана Силјановска Давкова освои 377.713, или 44,7% од гласовите. 30.442 гласачки ливчиња, односно 3,61% биле неважечки.
Државната изборна комисија информираше дека вкупно на изборите гласале 844.365 граѓани, што претставува излезност од 46,7%.
Пендаровски синоќа се заблагодари до граѓаните и додаде дека ќе се придружи на водството на државата за евроатланска Република Северна Македонија.
„Ќе бидам претседател на сите, ќе бидам поддршка на Владата за сите важни проекти и ќе и забележувам и ќе сугерирам, ќе бидам сојузник во интересите на граѓаните, ќе бидам пртеседател на државата од кој нема да се срамите“, изјави синоќа Стево Пендаровски по објавувањето на неговата победа.
Силјановска Давкова во обраќањето го призна поразот и посочи дека изборниот процес за неа бил голема инспирација.
„Победи противкандидатот, но не мислам дека јас како поединец и како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ја загубив битката. Политиката во Македонија сè уште не е уметност, политиката овде сè уште е во рацете на политичарите. “, изјави Силјановска Давкова.
Честитки за победата на Пендаровски пристигнаа од голем број државни лидери и водечки луѓе од меѓународните организации.
„Честитки до Стево Пендаровски за победата на претседателските избори, со нетрпение чекам да работам за вас за прием на Северна Македонија како триесетта членка на НАТО“, напиша на Твитер, Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Congratulations @SPendarovski on winning the presidential elections. Looking forward to working with you on welcoming North Macedonia as #NATO’s 30th member.
— Jens Stoltenberg (@jensstoltenberg) May 6, 2019
Покрај изборите за претседател на Северна Македонија, вчера се одржа и втор круг за избор на градоначалник на две општини. Нов градоначалник на Охрид е кандидатот на СДСМ и коалицијата, Константин Георгиески, додека нов градоначалник на Ново Село е Никола Андонов, исто така предложен од СДСМ и коалицијата.
Од Државната изборна комисија синоќа соопштија дека изборите поминале во фер и коректна атмосфера и дека до нив, во текот на изборниот ден, не пристигнале никакви забелешки за нерегуларности на избирачките места.
Пендаровски ќе биде петтиот претседател од независноста на земјава. Претходно оваа функција ја вршеа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и досегашниот претседател Ѓорге Иванов.