Десетици опозициски политичари и активисти од Хонг Конг се уапсени утрово на основа на законот за национална безбедност, објавија локалните медиуми, а пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Полицијата потврди дека 53 лица на возраст меѓу 23 и 64 години биле приведени во рацијата што започна рано утрово. Се работи за најголемата акција од јуни минатата година, кога Пекинг го донесе законот за национална безбедност за Хонг Конг.
„Осомничени се за субверзија“, рече високиот надзорник во Одделот за национална безбедност, Ли Кваи-ва.
Масовните апсења се поврзани со независно организираното гласање во јули минатата година, за избор на опозициски кандидати, за тогашните парламентарни избори кои беа одложени.
Околу 1.000 полицајци учествуваа во претресите, кои вклучуваа претреси на канцеларии, меѓу кои се најдоа и канцелариите на медиумските куќи „Apple Daily“, „Stand News“ и „Inmediahk“.
Секретарот за безбедност Џон Ли рече дека групата планира да му предизвика „сериозна штета“ на општеството и дека властите нема да толерираат било какви субверзивни активности.
„Акцијата денес е насочена кон активните елемнти за кои постои сомнењвање дека се замешани во кривично дело соборување или сериозно попречување на правното извршување на должностите на владата на Хонг Конг“, изјави Ли.
Меѓу уапсените има поранешни пратеници, окружни советници, академици, активисти, како и луѓето кои учествувале во организирањето на изборите во 2020 година.