Шкотските власти забранија употреба на диви животни во патувачките циркуси. Ова според активистите е важна победа за благосостојбата на животните.
Шкотскиот Парламент вчера изгласа закон со кој им се забранува на патувачките шоуа да вклучуваат диви животни во нивните изведби. Сепак, овој закон нема да се однесува на циркусите кои не патуваат.
Шкотскиот секретар за животна средина, Розеана Кунингам, го поднесе предлог-законот откако владина анкета откри дека над 95 отсто од анкетираните граѓаните сметаат дека е потребна поголема заштита на дивите животни. Иако засега нема патувачки циркуси во Шкотска кои користат диви животни, Кунингам го претстави законот како „етичка“ основа.
„Ова е важен акт кој не само што ќе спречи патувачките циркуси да прикажуваат диви животни во Шкотска во иднина, туку ќе му покаже на светот дека ние сме една од растечкиот број држави кои повеќе не ја одобруваат употребата на диви животни на овој начин“, изјави Кунингам.
Законот го поздравија организациите за заштита на правата на животните.
„Заробеништвото е пекол за животните како тигрите и лавовите, а средина како циркусите е невозможно да ги исполни нивните сложени потреби“, велат од здружението ПЕТА во Велика Британија.
„Овие животни разбирливо дека ќе станат фруструрани, потресени и депресивни откако цел живот им било одрекувано се што е природно и важно за нив, чувани во затворени приколки кои ги пренесуваат низ државата, и принудувани да изведуваат збунувачки трикови за некаква забава од викторијанската ера“.
Шкотска е првата држава во Велика Британија која направила ваков чекор во корист на благосостојбата на дивите животни.
Патувачките циркуси често користат егзотични и диви животни, вклучително лавови, слонови, мечки и камили, во нивните изведби. Голем број држави во светот се во процес или веќе изгласале крај на оваа пракса.
Поради огромниот притисок од јавноста, бројни реномирани циркуси низ светот ги тргнаа триковите во кои има животни.