„Патагонија“ ќе им донира на еколошки организации 10 милиони долари собрани од продажбата за Црн петок

Минатата недела, една од најголемите компании за производство на планинарска опрема, „Патагонија“, вети дека ќе ги донира парите добиени од продажбата за време на Црн петок. Тие сега соопштија дека донираат вкупно 10 милиони долари, или пет пати повеќе од сумата што ја предвиделе. Парите се наменети за локални еколошки организации кои се борат против оние кои ги негираат климатските промени.

Филантропската дејност на компанијата потекнува од 1985 година. Тие секоја година им донираат на еколошките организации по еден процент од нивната дневна заработка на глобално ниво, што во бројки изнесува 7,1 милиони долари, само минатата година.

„Ова е тежок период за нашата држава“, вели Лиза Пајк, потпретседателка на компанијата во делот за еколошки активизам.

„Верувам дека еколошката средина е нешто за кое може да се обединиме. Еколошките вредности се нешто што сите го делиме“, додаде таа.

Од компанијата велат дека одлуката, да донираат се што заработиле за време на Црн петок, е инспирирана од последната политичка промена во државата, со оглед на тоа дека животната средина не претставува приоритет за идните политичари. Парите ќе бидат донирани на глобална мрежа од над 800 еколошки здруженија.