Пат низ Европа за 12 македонски студенти

Преку проектот „Патуваме во Европа“ 12 студенти од Македонија ќе добијат уникатна можност да ја истражуваат Европа и да ја промовираат својата земја. Конкурсот е отворен за студенти кои имаат желба за патување, нови авантури и нови познанства, соопштуваат од граѓанската асоцијација МОСТ.

Пат низ Европа за 12 македонски студенти

Студентите кои сакаат да бидат дел од тимот кој 22 дена ќе патува низ Европа имаат уште 14 дена да ги поднесат апликациите. Сите студенти во завршна година од студирање или апсолвенти, со просечна оценка во текот на студирањето поголема од 8,0 имаат можност ова лето да влезат во ЕУ. Од реализаторот на проектот, граѓанската асоцијација МОСТ, со помош на донаторите и спонзорите, обезбедени се Inter Rail карта за неограничено патување со воз, ISIC картичка, патничко осигурување и дел од средствата кои ќе им бидат потребни, на платежна
картичка.

Уште повеќе, за сите студенти кои ќе патуваат, донаторот Robert Bosch Stiftung организира фестивал во Берлин, на 29 и 30 јули, после кој секој студент самостојно ќе го продолжи своето Европско патешествие. Конкурсот за пријавување на студенти е отворен до 1 јули, а патувањето ќе започне на 29 јули. Аплицирањето е електронски, а формуларите и сите информации за проектот се достапни на интернет страната на проектот www.patvoevropa.org.mk.

Целта на овој проект е 12 студенти од Македонија, преку патување и посети, директно да се запознаат со демократските вредности, навики и култури во другите земји, и да ги промовираат и доближат тие вредности во Македонија. Во исто време студентите ќе ја промовираат и Македонија.

„Патуваме во Европа” последните седум години е регионален проект, кој освен во Македонија се реализира и во останатите земји од Западен Балкан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, како и Косово.