„Паркинзи на општина Центар“ се дигитализираше, услугите достапни по електонски пат

Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“ (ПОЦ) ја пушти во употреба новата веб платформа со која сите услуги на претпријатието стануваат достапни и по електронски пат.

Од ПОЦ велат дека се првото јавно претпријатие во земјата, воопшто, кое целосно се дигитализира. Поточно, отсега граѓаните нема повеќе да мораат да доаѓаат во просториите на претпријатието бидејќи сите услуги ќе им бидат достапни со само еден клик, од било кој уред, на било кое место и во секое време.

Дополнително, на новата веб платформа преку чат, велат од таму, граѓаните ќе можат да бидат во постојана, 24-часовна, комуникација со наш вработен и во секое време да ги адресираат своите прашања, жалби, барања…

„И секако, она што е особено важно да истакнам е дека новата веб страница поседува вградена заштита од неавторизиран пристап кон податоците од посебен интерес, што значи, ги задоволува највисоките стандарди за заштита на податоците на нашите корисници“, изјави Васко Кичевски, директор на ЈП Паркинзи на општина Центар.

Сите корисници по креирање на личен профил на веб страницата на ЈП ПОЦ ќе можат по електронски пат да склучуваaт и продолжуваат договор за резиденти и нерезиденти, да извршат електронска наплата за истите и да изберат како опција договорот и/или картичката, во промотивниот период, бесплатно да им бидат испорачани на домашна адреса.

Регистрираните корисници ќе добиваат смс и е-маил нотификации како потсетник за истекување на корисничкиот договор, 30, 15 и 1 ден пред истекот на договорот.

Во низата е-услуги преку новата веб платформа, корисниците ќе можат да плаќаат дневна паркинг карта (ДПК), месечен билет и други типови на билети, да вршат проверка на состојба на М-карта со целосен увид на билансот на картата, како и пријавување на гостинска регистарска табличка, проверка на состојбата на гостинските часови и надополнување и наплата на истите преку кредитна картичка, трансфер на пари и/или e-вирман.