Папата објави Закон за спречување насилство и сузбивање на сексуално злоставување во Ватикан

Папата објави Закон за спречување и сузбивање на насилството врз малолетни и ранливи лица, а со тоа и сексуално злоставување, што ќе важи за претставниците на Ватикан и дипломатскиот кор.

Законот предвидува рок од дваесет години за пријавување насилство, по што престапот застарува, а започнува да тече од 18 години во случај на злоставување на малолетни лица. Еден член предвидува обврска за пријавување, освен ако признанието не се случило во светоста на исповедта.

За непријавување на злоставување, може да се изрече парична казна, вклучувајќи и затворска казна.

Законот е проследен со апостолско писмо кое Папата го донесе на своја сопствена иницијатива, посветено на „заштита на малолетници и ранливи лица“ во Римската курија и во Ватикан. Во него, папата Франциско потсетува дека жртвите на искористување и злоставување имаат право да бидат „примени, сослушани и следени“.

Жртвите и нивните семејства мора да добијат „духовна, медицинска, психолошка и правна помош“, се вели во него.

Лицето осудено за злоставување на малолетно или ранливо лице мора да биде „ослободено од должноста“. Но и нему, исто така, треба да му се обезбеди потребната психолошка и духовна помош за негово „враќање во општеството“, додаде папата.

Исто така, нагласи дека мора да се направи сè со цел на неправедно обвинетите да им се врати добриот глас.

Светата столица, уште во 2011 година, од бискупските конференции побара да донесат насоки за постапување со сексуално злоставување, но Ватикан остана во правен вакуум по ова прашање.