Паметните телефони наскоро може да служат и како пасош

Де Ла Ру, најголемиот производител на пасоши и компанија која ги печати британските банкноти работи на нова технологија, која би ги „сместила“ пасошите внатре во мобилните телефони. Со тоа, патниците ќе можат да се движат преку граници без физичка копија од нивната патна исправа.

„Пасошите без хартија“ ќе функционираат на сличен принцип како дигиталните билети за авион, со кои туристите можат да патуваат без никаков документ.

Сепак, постои потенцијален ризик од фалсификување, како и можноста од губење на телефонот, што значи дека има предизвици кога станува збор за безбедноста.

„Технологијата е најважна за работата на Де Ла Ру и секогаш бараме иновации и технолошки решенија за нашите корисници низ светот“, вели портпарол на компанијата за Telegraph.

„Пасошите без хартија се само една од многуте иницијативи на кои моментално работиме, но во моментот тоа е концепт во рана фаза на развој“, додава.

Современите пасоши веќе имаат чипови во нив кои го споредуваат лицето на носителот со фотографијата во него, така што во паметните телефони може да се вгради истата технологија.