„Ова беше вашата омилена програма“: Приватните полски телевизии во протестен мрак

Многу приватни медиуми ја исклучија програмата денес во Полска, под мотото „Ова беше вашата најомилена програма“ како знак на протест поради новиот предлог закон за данок на рекламирање, кој според медиумите е закана за медиумската независност и различност.

Протестот со медиумски мрак се случи откако повеќе медиумски куќи се спротивставија на планираниот данок преку јавно писмо до властите и политичките лидери.

Според владата, новиот закон за оданочување ќе обезбеди прилив на финансиски средства за здравството и културата, два сектора кои биле уништени од коронавирус пандемијата.

„Почитуван кориснику! Денес се одлучивме да направиме чекор кој беше против нашите замисли, бидејќи е против нашите новинарски вредости. Во рок од 24 часа, сите медиуми под капата на „Рингиер Аксел Спрингер Полска“ ќе исчезнат“, е кусото објаснување што еден од порталите го објави на својата веб-страна.

Веб порталот „Инерција“, приватните медиуми „Полсат“, ТВН и приватната радио станица „Радио Зет“ исто така ја стопираа својата програма.

Полската политичка партија „Закон и правда“ промовира патриотски и конзервативни вредности откако дојде на власт во 2015 година, а се спротиставува на, како што вели партијата, увезен либерализам и мултикултурализам.

Од партијата сметаат дека странските медиумски куќи имаат големо влијание во Полска. Критичарите на власта сметаат дека партијата преку оваа одлука сака само да ја зголеми својата контрола врз државата.

Според компаниите вклучени во протестот, новиот закон за оданочување ќе резултира со уште поголем јаз и нееднаквост помеѓу јавните и приватните медиуми, со што уште повеќе ќе се повреди медиумската независност.

Владиниот портпарол Пјотр Мулер за јавниот медиум ТВП – кој не е приклучен во медиумскиот мрак, изјавил дека ваквиот вид на данок бил воведен во голем број земји членки на ЕУ и дека тој сѐ  уште е во фаза на преговори.

Извор: Reuters