По повод 20 години од своето постоење здружението „Отворена порта“ организира онлајн дискусија на тема „20 години против трговија со луѓе“. Јавната дискусија ќе се одржи на 19 октомври во 19 часот, а ќе може да се следи на „Фејсбук“ страната на здружението. Граѓаните ќе можат да ја увидат работата на институциите од изминативе 20 години, да се запознаат со политиките за подобро идентификување и заштита на жртвите, но и со алатките за навремено откривање на ранливоста и едуцирање на пошироката јавност околу оваа проблематика.
Соговорници на јавната панел дискусија ќе бидат Јасмина Димишковска Рајковска, основачка и директорка на „Отворена порта – Ла страда“, Љупчо Маркудов, началник на единица за трговија со луѓе и криумчарење мигранти и Светлана Цветковска, претставник на Министерството за труд и социјална политика.
„Трговијата со луѓе е глобален проблем, со којшто се соочуваат сите земји ширум светот. Р. С. Македонија претставува земја на потекло, земја-транзит и дестинација на тргуваните лица. Низ годините се бележат значителни промени и нови трендови во трговијата со луѓе, со што се менува и начинот на обезбедувањето заштита и помош за жртвите“, велат од „Отворена порта“.
Од здружението соопштуваат дека спровеле квалитативно и квантитативо истражување обидувајќисе да ги прикажеме применетите политики преку искуствата на самите жртви, на институциите и граѓанските организации кои учествуваат во борбата против трговијата со луѓе.
„Добиените резултати од анализата укажуваат на потребите од проактивна идентификација на жртвите на трговијата со луѓе од страна на надлежните институции, воспоставување долгорочни решенија за заштита и реинтеграција, како и на потребата од нивна финасиска одржливост. Целта е да даде одговор на прашањето колку постоечките механизми за идентификација, заштита и реинтеграција содејствуваат со потребите на жртвите и со справувањето на земјата со трговијата со луѓе”, нагласуваат од „Отворена Порта“.
Не ja премолчувај трговијата со луѓе, пријави на СОС линијата 0800 11111.