Загрижените жители на скопската населба Радишани и активни граѓани на Општина Бутел, отворија петиција со барање за итно поставување на бетонирани лежечки полицајци на улица „Бутелска“. Онлајн петицијата веќе се шири по социјалните мрежи.
Целта, како што посочуваат, е да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се заштитат животите на децата, возрасните и сите учесници во сообраќајот во нивната општина.
„Улицата ‘Бутелска’ претставува чест пат на движење на ученици, возрасни граѓани и жители на населбата, но воедно и зона со чест сообраќаен метеж и се забележува небезбедно возење по улицата со неприлагодена брзина. Пешаките премини не се доволни за да се намали сообраќајниот метеж и да се успори дивеењето на оваа градска и главна улица во една голема општина како нашата“, стои во петицијата.
Иницијаторите на петицијата нагласуваат дека, истовремено, блокираните тротоари го оспоруваат правилното движење на пешачи поради узурпирање на државен простор од приватни лица, кои го користат за свои профитабилни и неодговорни цели.
„Тоа предизвикува дополнителен терет за непречено и безбедно движење на најранивлите категории во општината како што се децата, стари и изнемоштени лица, мајки со колички со бебиња, лица со пореченост и воедно сите жители на општината“, појаснуваат во петицијата.
Според локалците, одговорното поставување лежечки полицајци е неопходна превентивна мерка, усогласена со Уставот на Македонија и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој ја гарантира безбедноста, особено на ранливите категории учесници – децата и пешаците.
„Оваа иницијатива се повикува на следниве правни основи: Устав на Република Северна Македонија кој го гарантира правото на секој граѓанин на здрава животна средина, безбедност и заштита на животот; Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои ја обврзуваат државата и општините да преземаат мерки за заштита на учесниците во сообраќајот, особено пешаците и децата; Закон за локална самоуправа, со кој општините се надлежни за уредување и одржување на локалните патишта и улици, вклучително и сообраќајната безбедност; Стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2021–2030, која препорачува поставување на сообраќајни бариери и физички мерки за успорување на сообраќајот во урбани средини и зони со присуство на ранливи учесници“, е набројано во петицијата.
Оттука, со оглед на зголемената фреквенција и брзина на движење на возила на улицата „Бутелска“, како и присуството на деца, ученици и постари лица, граѓаните бараат итно поставување бетонирани лежечки полицајци по примерот на населба „Железара“ и Бутел 2, што според нив е ефективна и докажана мерка за заштита на човечки животи и спречување на сообраќајни несреќи.
„Со оваа петиција бараме од надлежните институции Град Скопје и Општина Бутел да ја препознаат оваа реална потреба и да постапат соодветно и итно, во интерес на заедницата и јавната безбедност и веруваме дека ќе постапат по барањето на жителите за кои работат во оваа општина“, пишува во петицијата.
За петицијата свој коментар дадоа и од иницијативата НаТочак.
Од таму сметаат дека е жално што засегнати граѓани требаат да покренуваат петиција за нешто што треба да е регулирано со проектирање и изведба на сообраќајна инфраструктура.
„Дури и да не биле проектирани успорувачи на сообраќајот во основниот проект на ул. ‘Бутелска’ (реконструирана во 2022), Град Скопје и Општина Бутел дополнително требало да постават до сега фиксни успорувачи. Јасно е дека таа улица ја сече населбата во целата нејзина должина, а преку неа активно се движат жителите пешаци во текот на целите ден и ноќ“, нагласуваат од активистите од НаТочак.
Според нив, градоначалниците кои се грижат за своите жители прават анализи по секој сообраќаен судир за причините кои довеле до судирот. Преку проверка на просторот и условите се постигнуваат посакуваните 0 жртви во сообраќајот, што е и целта на #ВизијаНула.
„Ако Општина Бутел и Град Скопје сакаат населби за коли нека ја остават улицата како што е. Но ако навистина се загрижени за добробитот на жителите потребно е веднаш да постават легнати полицајци и да направат дополнителни физички решенија кои ќе им овозможат на пешаците безбедно да се движат, а ќе ги спречат возачите на автомобили да ја пречекоруваат пропишаната брзина (кренати пешачки премини, шикани, стеснување на профилот на коловозот…)“, посочува иницијативата.