Отворање на изложбата „Агапе“ од Горјан Ѓорѓиев во петок во „Метаноја“

Изложбата „Агапе“ на уметникот Горјан Ѓорѓиев ќе се отвори во петок, 23 мај, со почеток во 19 часот во галерија „Метаноја“.

„Сликите на Горјан Ѓорѓиев се стилска и тактилна алхемија при што медиумот на боите ја има функцијата на ‘Филозофскиот камен’, митолошкиот елемент кој неблагородните метали ги претвора во благородни и еликсир кој ги исцелува сите болести и дава долговечност. Во христијанска смисла ‘Филозофскиот камен’ е метафора за ‘агапе’. Пред сѐ, Ѓорѓиев е автентично свој како сликар и сликарскиот ‘потпис’ е специфично негов. Оваа своја автентичност тој ја реализира комбинирајќи разни уметнички стилови, од византискиот код на иконописната традиција, преку наивата, па сѐ до експресионизмот, надреализмот и неоекспресионизмот. Сите овие вдахновенија и влијанија Ѓорѓиев ги вткајува во своето сликарство. Секое од нив тој го преосмислува и го преобразува. Така, склопот на овие ликовни традиции, секоја од нив препознатлива, во неговите дела се вклопуваат во автентично дело при што целината е далеку поголема од збирот на нејзините делови“, вели д-р Коста Милков за изложбата.

Горјан Ѓорѓиев е роден во 1965 година во Скопје. Тој е уметник чие творештво е презентирано низ бројни самостојни и групни изложби во земјата и странство. Во текот на својата кариера, Ѓорѓиев се афирмирал преку учество во значајни изложбени простори и културни институции. Со своето континуирано присуство на уметничката сцена, Горјан Ѓорѓиев ја потврдува својата важност како современ македонски уметник.