Во пресрет на шестото издание на Скопски поетски фестивал, на 3 април (петок) со почеток од 20:00 часот во кафе-книжарницата Буква во Скопје ќе се одржи поетското читање „Отскочна даска #5“, наменето за млади автори.
Настанот претставува преднастан на фестивалот и ќе обедини дванаесет млади поетеси и поети на возраст од 16 до 30 години: Марија Алексовска, Вероника Димоска, Христијан Илиевски, Мартин Миљев, Васја Мицковски, Милена Неделковска, Деспина Сиљаноска, Елена Соколоска, Бојана Спасовска, Кире Џотов, Ива Шајноска и Ели Шапкарова. Како што се наведува во соопштението, по читањето, самите учесниците ќе го изберат најдобриот меѓу нив, кој ќе добие можност да настапи на официјалното отворање на фестивалот на 7 мај во Младински културен центар, заедно со останатите поети од програмата.
Во рамки на годинешното издание, во соработка со ПНВ Публикации ќе биде објавена и поетска панорама со дела од сите 66 досегашни учесници на „Отскочна даска“. Промоцијата на изданието ќе се одржи непосредно пред отворањето на фестивалот, со настап на дел од младите автори.
Дизајнот на креативните материјали за „Отскочна даска #5“ е на Викторија Ангеловска.
Шестото издание на фестивалот ќе се одржи од 7 до 9 мај, со поддршка од Министерството за култура и туризам и ТРАДУКИ, а меѓу партнерите е и Младинскиот културен центар.



