Онлајн медиумот за феминизам, „Медуза“ оваа година го прославува својот втор роденден, под мотото „Отаде издржливоста“. Во време на пандемија, одговорната уредничка Калиа Димитрова вели дека ќе имаат нешто најблиску-до-прослава.
Па така, најавена е публикацијата „Отаде издржливоста“, онлајн обраќање и диџеј сет со „Дискордиа“ – радио емисија за андерграунд музика.
Мотото „Отаде издржливоста“ е инспирација од Сара Ахмед која пишува за моментот кога веќе одбиваме да издржиме, во нејзината книга „Живеејќи феминистички живот“. Тој момент таа го нарекува „a feminist snap“, кој може да се појави во форма на избувливост и гнев или можеби емотивност, раздразливост, ранливост. Тој момент е значаен бидејќи создава простор во самите нас за правење неред, бука и пукнатини низ кои може да се види светот кој не се базира на индивидуална издржливост, туку заедници на грижа.
Присетувајќи се на почетоците на „Медуза“, Калиа Димитрова вели дека од моменталнава перспектива, најмногу незаборавни и се чинат моментите кои ги споделиле со другите.
„Работата на „Медуза“ уште од самиот почеток подразбираше многу „осаменички“ пракси, онлајн комуникација со авторки, уредување и објавување на текстови, онлајн преписки и работа итн., па овој модус на работа не ми е нов. Меѓутоа, минатата година постоеше можноста да се излезе од таа реалност, кон онаа физичката, па би ја спомнала забавата по повод „лансирањето“ на „Медуза“ во Samo café во 2018 и забавата по повод една година постоење лани во Комитет. Секако, јасно ми е дека изборот на овие два настани доаѓаат од место на носталгија, па како нешто еднакво важно би ги споделила сите моменти кога некоја авторка ќе ни пристапи на нас со желба да пишува на „Медуза“. Првата година тоа се случуваше помалку, но оваа сè повеќе, и тоа навистина, навистина многу ме радува“, вели таа.
„Медуза“ се бави исклучително со феминистички теми и размислувања, позиција која неретко е трн во окото на македонската јавна сфера. Зборувајќи за тоа како биле дочекувани текстовите, Димитрова посочува дека најчесто на отпор наидуваат оние текстови кои „чепкаат“ по чувствата од традиционалното културно милје.
„Текст кој дигна прашина е еден текст кој ја преиспитуваше традицијата на прославата со мекици по повод новороденче. Исто како што не очекував дека ќе има луѓе кои ќе негодуваат со текст кој преку лични сведоштва зборува за ужасните услови со кои се соочуваат жените при породување. Од друга страна, позитивните реакции ги надвладуваат негативните, па стварно не знам зошто секогаш почнувам со негативното. По објавата на речиси секој текст добиваме одличен фидбек, а многу често и пораки каде девојки споделуваат свои искуства или мислења на темата. Кога ќе помислам на времето кога почнуваме со работа, веројатно тој вид на препознавање беше една од нашите цели“, се потсетува таа.
Димитрова дополнува дека важно е посочувањето на родот како неизбежен дел од социополитичките теми, бидејќи честа слабост во перцепцијата на јавноста е неможноста да се увиди родовата нееднаквост и моменталната наклонетост на системот кон „посилните, побогатите, помоќните“ како извор на повеќето системски неправди.
„Феминизмот е сет на вредности коj може да понуди алтернативи на тоа. Мислам дека просечниот човек во Македонија сè уште го гледа родово-базираното насилство како приватен проблем, а при посочување на одредни дискриминаторски и насилнички пракси со кои жените и други малцинства секојдневно се соочуваат би одговорил со „па ова може да му се случи и на маж“, не увидувајќи дека со самиот тој мајндсет допринесува кон перпетуирање на моменталното статус кво (случајно или намерно)“, вели таа.
Димитрова истакнува дека феминизмот во Македонија е онаму до каде што може да биде, земајќи ги сите предизвици и услови предвид. Дополнува дека феминизмот тука е многу различни групи и акции.
„Она што е важно за феминизмот во оваа земја повеќе да се оснажни е меѓусебна поддршка и солидарност меѓу луѓето кои на било кој начин допринесуваат кон оваа кауза. Не велам дека тоа сега не постои, но сакам да потенцирам дека во тој интерсекционален и солидарен елемент ја гледам најголемата вредност на феминизмот, како за нас кои со тоа се занимаваме, така и за групите и заедниците со кои работиме, и секако јавната сфера која пробуваме да ја феминизираме“, забележува таа.
Димитрова истакнува дека е задоволна со тоа како „Медуза“ спонтано расте.
„Во блиска иднина знам дека сакам да продолжиме со нашите моментални централни ангажмани, односно, работа со авторки и објавување, бидејќи сметам (и гледам) дека тука има сè уште огромно поле за работа. Во подалечна иднина, сакам Медуза да ја водат и доградуваат сосем нови генерации феминистки и феминисти, а јас гордо и задоволно да ги тапшам по рамо и поддржувам“, заклучува таа.
И.С.