Осумчасовна блокада пред влезот на фабриката „Титан Усје“ најавена за петок

Иницијативата „Стоп за Усје“ најавува осумчасовна блокада пред пред влезот на „Титан Усје“. Блокадата е најавена за 27ми Февруари под називот „Блокада фест“, а во соопштението за јавност, организаторите наведуваат дека таа ќе трае од 15:00 до 23:00 часот. 

Покрај искажување на протесните барања, граѓаните на собирот ќе може да проследат музичка програма, а се најавуваат настапи на неколку музичари и артисти од Македонија.

Ова не е само блокада, ова е гласен, жив и солидарен отпор, порачуваат од „Стоп за усје“.

Главната порака на блокадата е „Без Усје полесно се дише“ со што иницијативата, како и граѓаните апелираат на воведување на поголеми контроли во работата на фабриката кои се однесуваат на заштита на животната средина.

Ова е прва блокада која се одржува пред самата фабрика на Титан Усје, досега иницијативата иницираше неколку протести и блокади низ Скопје, како и една герила акција. Во сите досегашни протести и блокади, граѓаните го посочуваат токму „Титан Усје“ како еден од најодговорните за загадениот воздух и намалениот квалитет на живот во Скопје и скопската околина.

Од Титан Усје, во периодот на блокадите, до медиумите и јавноста доставуваа извештаи од внатрешен мониторинг и мерења кои покажуваат дека загадувањето кое се произведува како резултат на активностите на фабриката е во границите на законски дозволениот лимит.

Сепак, граѓаните, како и иницијативата „Стоп за Усје“ покажаа сомнеж во релевантноста и точноста на овие податоци и побараа засилени надворешни контроли и поголема транспарентност со цел вклученост на јавноста како механизам на проверка во начинот на кој се спроведува мониторингот.

Фото: © Радио МОФ архива