Осуден рускиот блогер кој се снимал како лови покемони во црква

Судот во рускиот град Екатеринбург му даде три ипол годишна условна казна на блогерот Руслан Соколовски, поради навреда на религиозните чувства на верниците и поттикнување омраза, откако тој постираше видео како игра Покемон Гоу во црква.

За време на судењето, 22-годишниот Соколовски се изјаснил дека не чувствува вина.

Тој го направил видеото како ја игра популарната игра, во локалната православна црква, во август 2016 година. Нешто подоцна бил уапсен.

Соколовски истовремено е осуден и поради „нелегално внесување на специјална техничка опрема“, откако во претрес на неговиот дом било пронајдено пенкало со вградена камера. Обвинителството барало три и пол годишна затворска казна за блогерот.

Соколовски на едно од рочиштата ФОТО: АФП

По пресудата, на Соколовски видно му олеснило, пренесува ББЦ.

„Доколку ја немав поддршката на новинарите, веројатно ќе добиев вистинска затворска казна“, рекол тој.

Видеото било објавено најверојатно како одговор на предупредувањата дека играњето такви игри во црквите ќе има законски последици. Во видеото, пред да влезе во црквата, Соколовски може да се слушне како коментира дека ризикот да биде уапсен е „целосна бесмислица“.

„Кој може да биде казнет ако само шетате наоколу со вашиот смартфон во Црква?“, зборува тој во видеото.

Покемон Гоу е игра за смартфон која се служи со виртуелна реалност и користи ГПС технологија. Играчите одат наоколу во реалниот свет и ловат малечки виртуелни чудовишта од популарната анимирана серија Покемон, на места кои се прикажани преку координати на нивните телефони, а потоа ги тренираат за борби.