Осмото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, годинава ќе започне на 17 август и ќе трае до 23 август. Фестивалот ќе се одржи на три локации во Скопје – во МКЦ, низ улиците на Скопје, потоа пред Мобилната монтажна галерија во Паркот на франкофонијата и во Музејот на современата уметност.
Оваа година фестивалот застанува цврсто зад аргументот „Жените се малцинство“.
„Ова политичко позиционирање има цел да го преиспита значењето на терминот малцинство, свесно одбегнувајќи ја неговата етно-национална, доминантна претпоставеност, и посочувајќи дека во перцепцијата на овој поим всушност многу поважни се релациите на моќ помеѓу општествените групи и доминацијата на едни врз други. Затоа сметаме дека прашањето за малцинствата е и феминистичко прашање“, пишуваат организаторките „Тиииит инк“.
Преку програмата исполнета со изложби, акустични концерти, разговор што може(ше) да биде перформанс, младинска програма, мапирање на женското културно наследство, филмска програма, диџеј сетови и дискусии, организаорките велат дека се залагаат за борба што е истрајна, специфична и ослободена од наметнатите општествени стеги и модели на однесување.
„Наместо да му повладуваме на патријархалниот свет и живот, повикуваме на кршење на стегите и осмислување и освојување на просторите на слобода“, нагласуваат тие.
Дизајнот за овогодинешното издание на „Прво па женско“ е дело на Тамара Забазноска.
Таа е интердисциплинарна уметница и архитектка со прецизен и геометриски уметнички израз, претставен преку заедништвото на елементите кои сугерираат дека секоја идна акција е резултат на сите претходни.
„Убавината е во храброста на движење на „каменот“, каде секој нов чекор обезбедува простор за промена. И колку и да е лавиринтот низ кој чекориме невозможен, ние како жени му даруваме цутење и развој, носејќи ја неговата тежина“, истакна Забазановска за својот дизајн.
На фестивалот ќе бидат испочитувани сите мерки за здравствена заштита, па бројот на публиката ќе биде ограничен, а задолжително ќе биде носењето маски, одржувањето физичко растојание и дезинфекција.