Организирана прошетка „Крушево е поубаво пеш…кога ве водат домаќините“

„Крушево е поубаво пеш…кога ве водат домаќините“ е насловен настанот кој ќе се одржи на 30 и 31 јули во овој град. Посетителите ќе бидат дел од прошетките во скриените тајни на Крушево на кои ќе се собираат тревки и шумски плодови, ќе се учи како се одгледува аронија, ќе се посетат мистичните црквите и вкуси влашката пита.

Настанот се отвора во сабота, во 10 часот пред хотел Монтана, Крушево.

Според најавената програма, по отворањето следи ботаничка прошетка низ боровата шума и собирање лековити билки , посета на црквата Св. Петка и дегустација на традиционални крушевски производи , како и прошетка низ букова корија и панорамски поглед на Крушево. Напладне пак се тргнува кон плантажата со аронија.

Во недела ќе се одржи Саем на традиционални производи од овој град, а присутните ќе може да видат и како се прави крушевска пита. Најавена е и посета на крушевските цркви и Влашка куќа и дегустација на традиционална крушевска храна.

„Ова не се обични прошетки. Ова се авантури водени од жените на Крушево. Преку посета на турите ја поддржувате мисијата на Здружението „КРУШЕВСКА ЖЕНА“: да се подобри животниот стандард на жените и да се зголеми вклученоста и родовата еднаквост преку јакнење на нивните капацитети, поттикнување женско претприемништво и негување на традиционалните вредности. Под слоганот `Домашно е од Крушево е…`, придружете се на прошетките, пробајте ги традиционалните производи и поддржете ја мисијата,стои во поканата за настанот.