Овластениот инспектор на Општина Центар, по налог на градоначалникот Андреј Жерновски, утринава пристигна на градилиштето на Кеј, на кое повторно, во раните утрински часови, пред празник почна да се работи. Инспекторот констатираше низа неправилности и недостатоци: неоградено градилиште, отсуство на информативна табла и други нерегуларности, соопштуваат од Општина Центар.
И покрај инсистирањето на инспекторот градежните работи веднаш да запрат, велат од таму, сепак изведувачот одбил да запре со работа и продолжил со градење.
„Изведувачот на работите повторно приложил одобрениие за градба издадено од Град Скопје и не сакал да прекине со работа додека не добие решение за запирање на граадбата. Инспекцијата на општината во моментов изработува записник од контролата и во најбрз рок ќе се издаде решение за запирање на работите, по што изведувачот ќе мора да ја врати улицата во првобитната состојба. Ова претставува грубо кршење на одлуките на општина Центар и јасна политичка провокација со цел дефокусирање на јавноста од актуелните политички случувања и насилствата во Собранието“, велат од Центар.
Од општината потсетуваат дека пред само неколку недели беше променет и ДУП-от со кој се избриша улицата која претходното раководство на Центар ја имаше впишано. Општина Центар бара од Град Скопје да ја поништи дозволата за градба и да се прекинат сите активности кои се спротивни на законот и волјата на граѓаните.
„Улица на Кејот ќе нема, ваквите постапки предизвикуваат дополнителен револт и конфликт и се грубо кршење на законските одлуки за запирање на изградбата“, се вели во општинското соопштение.