Опасноста демне: Загадувањето со арсен на водите во Лојане и Табановце не се испитува

И покрај тоа што се контаминирано подрачје со арсен и други опасни метали, во Лојане и Табановце не се вршат редовни лабораториски испитувања за присуството на овие отрови во водата, почвата и храната. На јаловиштето во поранешниот рудник „Лојане“ во близина на истоименото село се лоцирани 15.000 тони арсен сулфид, а на само 100-ина метри од нив се наоѓа основното училиште „Рилиндја“. Во близина на железничката станица Табановце, лоцирани се дополнително стотици тони на јаловина од рудникот, а во нивната непосредна близина се наоѓаат куќи и ниви на кои се садат земјоделски производи, објави агенцијата Мета.

Мета.мк и Порталб.мк го прашале Институтот за јавно здравје за добивање на информации за резултатите од лабораториски испитувања на водите, храната и почвата од овие две села во Кумановскиот регион. Од Институтот објаснуваат дека досега не правеле испитувања на почвата, но вршат испитувања на храната и водите.

Во однос на испитувањето на арсен и други метали во земјоделските производи од Лојане и Табановце, Институтот за јавно здравје досега не ја истражувал безбедноста на храната од овие две села, но тие би сакале да учествуваат во таков вид на истражување. Велат дека досега испитувале олово и кадмиум во земјоделски производи, но земени од пазар, на кои не секогаш се знае точно потеклото од регионот каде биле одгледани.

Сепак, она што треба редовно да се врши е лабораториското испитување на водата од локалните водоводи и индивидуални бунари во Лојане и Табановце од страна на Центарот за јавно здравје – Куманово. Но, резултати за тоа колкаво е количеството на арсен во водите во непосредна близина на контаминираното подрачје нема бидејќи анализата не опфаќа испитување на арсен.

„Тие (н.з. Центарот за јавно здравје – Куманово) извршиле микробиолошка анализа и основна физичко-хемиска анализа, согласно националната програма за јавно здравје. Но, таа анализа не опфаќа и испитување на арсен, така да немаме податоци за испитување на арсен во водата од Лојане и Табановце за 2022 и 2021“, велат за Мета.мк од Институтот за јавно здравје.

Нема подетално објаснување од здравствените власти зошто не се врши испитување на присуството на арсен во водите, иако со години наназад многу добро се знае дека несоодветно складираниот арсен во Лојане и Табановце е една од „жешките“ еколошки точки во земјава, за кои и официјално Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина тврдат дека опасниот отпад треба да се исчисти и да се изврши целосна ремедијација на локациите.

За проблемот со арсенот лани истражуваше и Радио МОФ, кога го посетивме и училиштето „Рилиндја“ каде учат околу 400 ученици од Вакцинце и Лојане. На управителите дента кога ги посетивме им беа пратени мерења од Центарот за јавно здравје – Куманово, при кои од училиштето рекоа дека имало утврдено 12 микрограми арсен, иако тие резултати не беа впишани во извештајот.

Ако се земе предвид Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење, тоа значи во школото имало арсен над максимално дозволената граница од 10 микрограми на литар. Овој граничник e препорачан и од Светската здравствена организација од 1993 година.

Друго, селаните ни доставија уште еден документ, од друго тестирање од селски локален водовод од 2019 година. Исто така правено од Центарот за јавно здравје – Куманово. Тука фигурираше арсенот, а до него цифра 228,1, што значи водата на селанецот имала арсен 22 пати над дозволеното.

Сепак, најдолу на извештајот пишуваше: „Испитаниот примерок вода за пиење ОДГОВАРА на законските и стручни прописи“.

Од самиот Центар за јавно здравје – Куманово тогаш објаснуваа дека нема обврска редовно да мери концентрации на арсен. Односно, редовните контроли вклучуваат амонијак, нитрити, пармаганат, хлориди, железо… но не и арсен во водата.

Доктор Бедри Велиу од Одделението за хигиена со здравствена екологија при Центарот, за Радио МОФ рече дека правилникот за земање примероци е предвиден од Министерството за здравство и мораат да се држат до него. Програмски вообичаено не се испитува секоја селска вода за арсен, туку по граѓанска иницијатива.

„Не сме имале многу барања од граѓани, реално, не сме имале ниту од општината посебни испитувања. Но, правевме порано, правевме и за арсенот и видовме на неколку места е зголемена концентрацијата“, ни посочи Велиу тогаш во краток телефонски разговор.

„Децата ни се жртви на арсенот“ – рударскиот локалитет „Лојане“ фатален за жителите од липковските села