КСП Центар-Јадро на најави онлајн дискусијата со Ивана Смилевска за конфликтната позиција на феминизмот во рапот, која ќе се ќе се одржи на 21 декември (понеделник) од 19:30 часот на Фејсбук профилот на Јадро.
Преку анализа на врските помеѓу хип хопот и дел од феминистичките теории, дискусијата ќе има за цел критички и хронолошки да го разгледа прогресот на женските раперки во хип хопот и нивниот удел во денешната манифестација на родот, сексуалните политики и капитализмот. После дискусијата, публиката ќе може да учествува со свои коментари и прашања.
„Ако во 80тите и 90тите години, женските раперки имале ограничен пробив и успех, денес со зголемената инклузивност, финансиска акумулација и популарност, женските раперки ја презедоа контролата на портретирањето на своето тело, искуства и сексуални желби. Тука, веднаш може да се забележи судирот на двете парадигми на ваквата моќ: дали овие раперки имаат потенцијален еманципирачки феминистички субјективитет користејќи ја својата сексуалност или, ова е уште еден сензационалистички апарат што го перпетуира мизогинистичкиит поглед кон жените комидифицирајќи го своето тело? Значи, едно од прашањата што ќе се анализираат е: Дали сексуалното ослободување е единствената призма низ која може да се зборува за феминизам во модерен контекст?“, стои во најавата за дискусијата.
Ивана Смилевска е дипломирана компаратистка со завршен труд на тема „Субверзивни политики и дискурсот на популарната култура“. Таа работи како новинарка, а нејзини текстови досега се објавени на неколку локални медиуми за култура. Како хоби, води свој „никулец“ блог на medium – @iyasmylev.
Дискусијата ќе ја модерира Ѓорги Пулевски.