Хелсиншкиот комитет за човекови права – ЛГБТИ Центарот за поддршка и Народниот правобранител денеска потпишаа Меморандум за соработка. Целта на соработката е зајакнување на регионалните капацитети на Омбудсманот во областа на човековите права и слободи на ЛГБТИ луѓето, како и зголемувањето на правната сигурност и механизмите за заштита на правата на ЛГБТИ заедницата на територијата на Република Македонија.
На потпишувањето свое обраќање имаа извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски, Народниот правобранител, Иџет Мемети, но и американскиот амбасадор Џес Бејли, кој смета дека е неопходно да се создаде амбиент на толеранција и почит за сите луѓе подеднакво, вклучувајќи ги и ЛГБТИ луѓето, како и оние кои ги застапуваат нивните права.
„Ние мораме да ја осигураме партиципацијата во општеството на оние кои традиционално биле жртви на дискриминаторски практики или полицијата. Во Македонија, Омбдусманот игра важна улога во промоцијата и заштитата на човековите права на сите македонски граѓани. Потпишувањето на овој Меморандум за соработка со проектот на УСАИД за Подобрување на статусот на ЛГБТИ луѓето е уште еден пример за вашата заложба за поддршка на имплементацијата на меѓународните стандарди за човекови права во Македонија, како и Националната стратегија за еднаквост и недискриминација“, истакнa Бејли.
Според Омбудсманот Иџет Мемети, за да се постигне еднаквост и и вклучување на сите форми на различностите, потребно е редефинирање на правна рамка, затоа што законите кои повикуваат на еднаква заштита го зајакнуваат моралниот императив на еднаквоста.
Сето тоа, во насока на тоа дека „Луѓето имаат право да живеат во општество кое го поддржува и целосного почитува правото на различноста, а слободата се изразува преку правото да се биде различен. Ова право ја опфаќа и слободата сексуалноста да се изразува и да се остварува на различни начини, без лицата да бидат маргинализирани и подложни на поинаков третман“, потенцираше Народниот правобранител Мемети.