Околу 35 илјади Литванци формираа човечки ланец за поддршка на демонстрантите во Белорусија

Околу 35 илјади Литванци вчера формираа човечки ланец долг 34 километри, односно, од центарот на Вилнус до белоруската граница во знак на поддршка на демонстрантите во Белорусија, пренесува српска „Нова“.

„Повеќе од било кој, може да ги разберете Белорусите затоа што не толку одамна го поминавте истото, како ние сега“, порача претходно белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја во претходно снимено обраќање.

Тихановскаја која пребегна во Литванија по претседателските избори на 9 август на која беше противкандидат на Александар Лукашенко, не присуствуваше на перформансот од безбедносни причини.

„Горд сум на својот народ кој се одзви на повикот и дојде тука да ги охрабри Белорусите“, рече на насобраните граѓани, литванскиот претседател Гитанас Науседа, кој беше близу крајот на човечкиот ланец на белоруската граница.

„Не сме индеферентни и никогаш нема да бидеме“, додаде тој.

На граѓаните им се придружи и поранешната претседателка на Литванија, Далија Грибаускаити. Исто така, во човечкиот ланец учествуваше и американскиот амбасадор Роберт Гилхрист кој го носеше црвено-белото знаме кое стана симбол на антивладините протести.

„Мило ми е што им се придружив на толку многу луѓе кои го искажуваат единството со граѓаните на Белорусија“, рече Гилхрист.

Настанот беше организиран на годишнината од „Балтичкиот пат“, масовниот протест против советското владеење на 23 август 1989 година, кога два милиони луѓе ширум балтичките земји Естонија, Латвија и Литванија се фатија за раце.

Во меѓувреме, вчера во Минск повеќе од 200 илјади демонстранти се собраа во центарот на Минск во знак на протест поради резултатите од претседателските избори.