[Обновено] Охрид SOS: Се ближат локални избори, за што ќе гласаат советниците?

Од Охрид SOS реагираат на нетранспарентност во работата на Советот и советницитe. Оттаму велат дека ниту еден документ од седница не е јавно достапен на увид барем седум дена пред седницата на веб-страницата на Општината. Од Општина Охрид, пак, велат дека сè е согласно законот и додаваат дека наводите на Охрид SOS се „необјективни, паушални и невистинити“ (Текстот е дополнет со нивната реакција на крајот на текстот).

Од Охрид SOS велат дека за да бидат во тек со тоа што се работи и кои парцели се предложени за легализацијата на следната седница, тие биле принудени сами да пребаруваат низ системот на Агенцијата за катастар.

„Зачудува како земјиште во сопственост на Република Македонија, во Трпејца, кај авто-кампот „Андон Дуков“, во Велестово и на други локации каде нема изградени објекти се става во ваква категорија „вклопување на бесправно изградени објекти“, а уште повеќе, некои од катастарските парцели се наоѓаат на самиот брег на Охридското Езеро, на атрактивна местоположба. Се сеќаваме на повлечената точка од дневен ред за месноста Градиште, каде се подготвуваше слична операција, имајќи предвид, дополнително, дека тука сè уште не е завршен процесот на денационализација.

Се ближат локални избори. Со кој образ ќе излезат кандидатите, особено оние на двете најголеми партии, пред сограѓаните, кога нивните сопартијци зад очите на јавноста, без консензус овозможуваат вакви работи? Дали можеби палењето трска после специјалната болница „Свети Еразмо“ беше на некоја од овие парцели кои се на дневен ред? Се сомневаме во сè. Ниеден советник, службено лице, носител на јавна функција не нè убедил во спротивното. Со ниедно дело, постапка. Сите овие материјали ќе се достават како анекс на деталниот извештај испратен неодамна до неколку меѓународни институции, меѓу кои и УНЕСКО. Никому не му е гајле за природното наследство, за ова непроценливо богатство. Сите се лицемери, чекаат прилика да материјализираат одреден простор, да остварат профит“, оценуваат од Охрид SOS.

Преку соопштение ги наведуваат точките на дневен ред за кои советниците треба да гласаат, пропратено со информации за која катастерска парцела се работи.

Оттаму бараат отфрлање на точките и запирање на легализацијата. Потсетуваат дека до септември минатата година требало да се направи инвентар на сите нелегални градби и да се поднесе до УНЕСКО, да се изработи СОЖС за кумулативните влијанија. Но, наместо ништо да не се гради додека не се изработи Планот за управување со охридскиот регион, од здружението тврдат дека приоритетите на локалната самоуправа се поинакви.

(ДОПОЛНЕТО)

Од Општина Охрид наводите на Охрид SOS ги нарекуваат „необјективни, паушални и невистинити“, додавајќи дека работат согласно законот.

„Локалната самоуправа ја спроведува целата постапка во согласност со законот кој ја третира оваа материја. Во врска со наводите дека се легализираат бесправно изградени објекти на земјиште сопственост на Република Македонија во крајбрежниот појас, треба да се знае дека согласно член 12, став 1, алинеја 4 од законот, јасно е дефинирано дека може да се легализираат објекти кои се изградени на земјиште сопственост на Република Македонија. Во однос на бесправно изградени објекти во заштитениот крајбрежен појас, согласно член 18, став 1, во постапката се прибавува мислење по службена должност од Министерството за животна средина и просторно планирање за сите објекти, освен за објекти со намена домување во станбени куќи. За овие објекти барателите доставуваат изјави заверени на нотар, дека ќе ги сносат сите последици од елементарни непогоди, како и одговорноста и последиците што објектот може да ги нанесе на животната средина. Истовремено, објектот не се вклопува во идните плански документации“, велат во реакцијата од Општина Охрид.

Тие додаваат дека Законот за постапување со бесправно изградените објекти доследно се спроведува во сите аспекти и ги повикаа сите заинтересирани да се обратат во Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште за сите информации, за да
се избегне дезинформирање на јавноста.