OFF фестивалот годинава со Зоран Предин, Мулату Астатке и Феликс Лајко

13-тото издание на фестивалот OFF  ќе се одржи од 30 мај до 5 јуни, а во петте фестивалски вечери ќе настапат исклучително квалитетни состави од Етиопија, Португалија, Шпанија, Конго, Јужна Кореја, Унгарија, Словенија, Хрватска и од Македонија.  Ќе биде прикажан и еден музички документарец, соопшти Скопски џез-фестивал, организатор на фестивалот OFF.

OFF фестивалот годинава од 30 мај, со Зоран Предин, Мулату Астатке и Феликс Лајко

Фестивалот ќе почне со настап на големиот унгарски композитор, импровизатор и виртуоз на виолината Феликс Лајко, а во наредните вечери ќе гостуваат легендарниот музичар од Етиопија Мулату Астатке – татко на етно џезот, македонскиот бенд Фолтин со неколку специјални гости-музичари од странство, харизматичниот Јупитер од Конго и неговиот бенд Okwess International, популарниот словенечки пејач и кантавтор Зоран Предин, придружен од хрватскиот џипси-свинг состав Дамир Кукурузовиќ Џанго груп, јужнокорејските инструменталисти и модерни традиционалисти Geomungo Factory.

„Фестивалот ќе заврши на 5 јуни, со настап на најголемата нова ѕвезда на португалското фадо Carminho, како и со концертот на свежата фламенко атракција од Шпанија, инспиративниот женски квартет Las Migas, соопшти организаторот.

Во рамките на фестивалот ќе биде прикажан и документарниот филм „Jupiter’s Dance“, фасцинантна приказна за животот на музичарите во Конго, раскажана преку едно неверојатно патување низ гетата на Киншаса.