Одржан едукативно-информативниот настан „Огнот не простува – а шумата е живот“ во Берово

На 26 јули, на плоштадот во Берово се одржа едукативно-информативен настан под мотото „Огнот не простува – а шумата е живот“, со цел подигнување на јавната свест за значењето и заштитата на шумите, како и за важноста од превенција и навремена реакција при шумски пожари.

„Со настанот беше испратена јасна и силна порака: ‘Обучени и опремени професионалци на терен ни требаат за гаснење, свесни граѓани и најмлади со вистински вредности ни требаат за одговорно живеење – но законски измени и системски решенија се клучни за спречување на шумските пожари во иднина’“, велат од Еко-зелено движење Берово и Центар за климатски промени, кои го организираа настанот.

Тој се одржа токму додека на планината Готен беснееше повеќедневен пожар, кој опожари огромна шумска површина и се заканува да ги зафати блиските населени места, истакнуваат организаторите, додавајќи дека тоа бил дополнителен повод да се испрати повик за мобилизација и заедничка акција – за поддршка во гаснењето, но и во спречување на понатамошно ширење на огнената стихија.

„Шумите се наш најголем сојузник во борбата со климатските промени. Малешевијата веќе трпи последици. Ако не делуваме сега – утре ќе биде доцна“, посочи Дина Муцунска од Еко-зелено движење од Берово, која го отвори настанот.

Имаше присутни ретставници од ТППЕ (Територијална противпожарна единица) од Берово, кои ја пренесоа суровата реалност од теренот – борбата со огнот, ризикот, храброста, заморот.

„Нивните зборови и искуства беа сведоштво кое никого не оставија рамнодушен“, велат организаторите.

Војо Соколовски од Националното здружение на приватни шуми, пак, зборувал со длабока загриженост: „Шумите не се само дрвја – тие се белите дробови на земјата, засолниште за животот, извор на вода, храна и воздух. Без нив – нема ништо.“

Својата инспиративна приказна за основање, обука и дејствување ја споделило доброволното противпожарно друштво од Пехчево. Нивниот пример служел како повик до Берово – повторно да се активира локалното доброволно друштво, бидејќи: „Секој обучен и опремен човек е додатна сила на страната на шумата и животот, особено во руралните и планинските средини.“

Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени повика на конкретни и итни законски измени: забрана за сеча и стопанисување со дрва на опожарени подрачја, забрана за трансформација на опожарено земјиште во градежно и строги казни за подметнувачите на пожари.

„Само вака ќе ставиме крај на пожарите подметнати од алчност – и ќе ја зачуваме природата за генерациите што доаѓаат“, истакна таа.

Како жив симбол на обврска кон природата било засадено и дрво на плоштадот во Берово. Присутните граѓани симболично се потпишале на декларацијата „Јас не палам“, изразувајќи лична и јавна заложба за заедничкото добро.

Посебен момент, велат организаторите, беше учеството на децата од градинката „23 Август“. Нивните цртежи, стихови и пораки беа гласни и јасни: „Шумата е живот. Не ја палете. Чувајте ја.“ За своето учество, секое дете добило сертификат и симболичен подарок – мало дрвце што ќе го засади со семејството, со мотото „Посади љубов, расти одговорност“.

Настанот е организиран со поддршка од Општина Берово, ТППЕ Берово, Подрачно одделение на ДЗС Берово, ЈП Национални шуми / Шумска полиција, НЗ Приватни шуми, ДПД Пехчево и Локалната градинка „23 Август“ – Берово

Настанот се реализираше во рамки на проектот: „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелена агенда за Западен Балкан на локално ниво“, финансиран преку програмата Цивика Мобилитас, со поддршка од Владата на Швајцарија.

Фото: Еко-зелено движење Берово и Центар за климатски промени