„Одиме во Њујорк за да дадеме придонес за справувањето со климатските промени“, велат „Green Hot Chili Peppers“

Теодора, Љубица, Кристина, Јован и Никола се петтемина студенти од тимот „Green Hot Chili Peppers“ кои работат на создавање специјална корпа, која со сензори ќе го селектира отпадот во неколку категории, како пластика, стакло, хартија и други.

Нивниот тим е еден од двата што по победата на националниот младински предизвик „Генерација без граници – Технологија за планетата“ ќе ја претставуваат земјава на глобалниот истоимен предизвик, „Generation Unlimited“ во Њујорк, САД.

„Нашето дигитално решение за заштита на Планетата Земја од климатските промени е да развиеме посебна корпа, таканаречена – ‘CONTAINERCO’. Дополнително, на неа ќе бидат поставени соларни панели со цел нашиот продукт да биде енергетски ефикасен. За да се мотивираат граѓаните да ја користат нашата „паметна“ корпа, имаме развиено апликација којашто овозможува да се скенира QR код којшто се генерира од самата корпа кога ќе се фрли отпад за да се добијат поени коишто понатаму би можеле да се искористат за одредени бенефити“, вели Теодора која студира Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика на ФЕИТ.

Љубица Ристовска, Теодора Петровска, Кристина Цоковска, Никола Коцевски и Јован Симоновски / Фото: Љубица Ристовска

Љубица, Јован и Кристина се на ист факултет, односно студенти на Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во насоката Интернет, мрежи и безбедност, додека Никола e студент на Академијата за визуелни уметности M3DS.

Сите потекнуваат од различни градови – Скопје, Ресен и Тетово, но тоа не ги спречува заеднички да работат на идејата. Велат дека состаноците најчесто ги одржуваат онлајн, каде, како тим, меѓусебно разговараат и се договараат за совршено решение на нивната идеја и, како што велат, за нејзина правилна примена и достапност во земјава и во странство.

„Првично, целта на нашата соработка беше да се дружиме, но кога забележавме дека другите тимови се многу компетитивни, вложивме сè од себе за да одговориме најдобро на поставената задача. Секој од нас ги истакна своите вештини за дизајн, програмирање и за 3Д моделирање, па финалната презентација вроди плод“, раскажува Љубица.

Таа додава дека клучно за нивното поврзување во една група е нивното заедничко, критичко размислување на темата за климатските промени и високата еколошка свест.

Причината за создавање на специјализирана корпа за отпадоци која ќе има и вградени панели со цел постигнување енергетска ефикасност е инспирирана од отпадот кој, според нив, или не се селектира или селективниот процес се врши неправилно.

„Можеби причината за тоа е недоволното знаење за селектирање, недостапноста на контејнери или, едноставно, граѓаните не се доволно мотивирани да селектираат. Оттука произлезе идејата тој процес да го направиме лесен и интересен и повеќе да не тонеме во отпад“, објаснува Љубица.

Младите иноваторки со кои разговараше Радио МОФ, раскажуваат дека особено влијателен фактор врз развивање на нивната идеја е и проценката од дневниот јаглероден отпечаток што настанува при неправилната селекција на отпадот. Како што велат, тој е речиси еднаков со дневниот јаглероден отпечаток што се создава од користење електрична енергија.

Двете додаваат дека процесот на развивање на идејата не е завршен ни ден-денес, и укажуваат дека постојано се трудат за нејзино усовршување.

„Откако со оваа идеја аплициравме на повикот за младински предизвик „Генерација без граници – Технологија за планетата“, истата беше прифатена и добивме покана да учествуваме на тридневната работилница што ја организираше Блинк 42-21 во соработка со УНИЦЕФ и Телеком МК во периодот од 24 јуни до 26 јуни 2022 година. Оттогаш, од стручни лица кои беа предавачи на работилницата несебично добивавме и сè уште добиваме менторска поддршка за да ја конкретизираме нашата идеја“, вели Теодора.

Од вкупно десетте тима пријавени на младинскиот предизвик, нивниот беше избран меѓу подобрите пет. И покрај тоа, како што велат, се изненадиле што нивната идеја ја избрале и во финалната селекција.

„Сепак, мора да признаеме дека бевме изненадени и пресреќни кога модераторот Марко Марк почна да пее песна од бендот „Red Hot Chili Peppers“, кој е и инспирација за името на нашиот тим, а потоа соопшти дека токму нашиот тим е еден од двата победнички тима“, раскажува Теодора.

Одењето во Њујорк за нив претставува почеток на креативна енергија и доказ дека младите можат многу повеќе од тоа што сметаат дека е врвот на нивните достигнувања. Со тоа тие добиваат голема и важна шанса да го презентираат својот модел што доколку освои награда може да се имплементира и да стане достапен во физичка форма.

„Се надеваме дека во Њујорк ќе одговориме на ниво на задачата и ќе дадеме свој придонес кон справување со климатските промени, ќе се збогатиме со нови идеи и ќе стекнеме нови пријателства кои ќе ни ја отворат вратата за идна соработка. Посебната „паметна“ канта т.н. CONTAINERCO нуди образовна апликација која е едноставна и лесна за користење за секоја возраст и во Македонија и во сите земји од светот. Веруваме дека нашата посветеност и труд ќе придонесе во справувањето со, можеби, најголемата закана за нашата иднина – климатските промени“, забележуваат Љубица и Теодора.

Другиот тим кој од селектираните пет беше избран да ја претставува Македонија во САД е „Bio Techno Logic“ со идејата за креирање автоматизирана и дигитална корпа за органски отпадоци, во која отпадот потоа се разградува со помош на калифорниски црви, со што се добива природен биохумус.  Двата македонски тима во САД ќе се натпреваруваат со претставници од повеќе од 30 земји.

Фото: Блинк 42-21

Ангела Бошкоска