Од утре официјално отворена велосипедската патека до Средно Водно

Љубителите на планинарскиот велосипедизам  од утре ќе може да возат по новата нагорна пионерска патека на Водно, која е дел од  проектот „Велосипедски парк Водно“.

„Новата планинска велосипедска патека е со променлива широчина (најмногу до 3 метри), со вкупна должина од 3.432 метри и  се протега од полициската станица се до Средно Водно. За да се зголеми безбедноста на сите посетители на Водно, таа е посебна патека наменета исклучиво за велосипедистите, односно целосно одвоена од патеките на Водно што се наменети за пешаци и планинари“, појаснуваат од Град Скопје.

 Официјалното отворање на патеката ќе биде во 12 часот на Средно Водно, а претходно, сите велосипедисти се поканети да учествуваат на натпревар во организација на „Прв до врв“.

Натпреварот ќе почне во 10 часот од полициска станица Водно и секој натпреварувач ќе стартува на 20 секунди, а учеството е бесплатно.

Вело – патеката ги исполнува условите за организација и на меѓународни натпревари на северните падини на Водно, информираат од Град Скопје.

Проектот за уредување на оваа планинска вело-патека на Водно се реализира во соработка и е кофинансиран од Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Council).