Од Собрание, кон Влада, до УКИМ – протест поради новите давачки за хонорарите

Потписниците на Повелбата за солидарност, здруженија и граѓани денеска (петок, 13 февруари) ќе протестираат против новите одредби за плаќање придонеси за хонорарите.

Како што најавуваат организаторите на протестот, зборно место е Жена парк во 14 часот, од каде насобраните граѓани ќе се движат преку Собранието, до Министерство за труд и социјална политика,  Влада, па се до  Слободната студентска зона на УКИМ.

Барањата на потписниците на Повелбата за солидарност се повлекување на законските измени со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос,како и повишување или укинување на највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите од плата кои сега изнесува 6 просечни плати.

Тие ги отфрлија понудените отстапки во дел од законот, предложени од страна на најголемата владејачка партија неколку дена пред протестот.

„Одбиваме да бидеме предмет на манипулации со цел да се амортизира незадоволството на илјадници граѓани кои протестираа и бараа укинување на законите откако беа соочени со откази, намалувања и доцнења на приходите. Затоа остануваме на најавата за протести на 13 февруари, петок во 14 часот“, се наведува во нивната реакција.