ОЦЦРП: Директорот на „Телеком Србија“ и извршниот директор на „Јунајтед груп“ во преговори за слабеење на Н1

Новиот директор на „Јунајтед Груп“, Стен Милер, и директорот на државната компанија „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ, разговараа за слабеењето на телевизијата Н1 и другите медиуми во рамките на компанијата „Јунајтед Медиа“, последниот независен радиодифузер во Србија, открива Проектот за истражување на организиран криминал и корупција (ОЦЦРП), повикувајќи се на извор запознаен со внатрешни разговори, како и фотографии и протечена внатрешна преписка.

Српскиот претседател Александар Вучиќ се соочува со масовни протести против корупцијата и авторитаризмот веќе девет месеци, при што демонстрантите постојано се судираат со полицијата во опрема за немири и насилни провладини групи.

Сепак, повеќето извештаи на српските медиуми се во согласност со наративот на властите, прикажувајќи ги студентите и другите демонстранти, како и новинарите, како „терористи“ кои наводно сакаат да ја дестабилизираат земјата.

Една медиумска група се издвојува од оваа практика. „Јунајтед Медиа“, медиумското крило на „Јунајтед Груп“, холандски телекомуникациски и медиумски конгломерат, кој управува со голем број медиуми во Србија, вклучувајќи го и нејзиниот највлијателен канал, Н1. Телевизијата директно емитува протести, истражува корупција и им дава простор на гласовите на опозицијата.

Сепак, таа уредничка независност сега е под закана, пишува ОЦЦРП, пренесува Н1.

Гласини дека владата се обидува да го неутрализира Н1, како и пет други медиуми во сопственост на „Јунајтед Медиа“ во Србија, веќе некое време циркулираат меѓу новинарите, опозициските личности и пошироката јавност. Но, новите докази добиени од ОЦЦРО претставуваат најјасна потврда досега дека сојузниците на Вучиќ се обиделе да го замолчат радиодифузерот во последните месеци.

Според извор запознаен со внатрешните дискусии, како и врз основа на фотографии и протечена внатрешна преписка прегледана од ОЦЦРП, новиот директор на „Јунајтед груп“, Стен Милер, отпатувал во Белград на почетокот на месецот за да се сретне со Владимир Лучиќ, директор на државната компанија Телеком Србија и близок соработник на Вучиќ. Двајцата се сретнале повторно една недела подоцна за да разговараат за плановите на Милер за работењето на „Јунајтед груп“ во Србија – вклучително и ветување за отпуштање на Александра Суботиќ, извршен директор на „Јунајтед Медиа“, која со години ја одржува медиумската независност и покрај силните политички и пазарни притисоци.

Милер беше назначен за директор на „Јунајтед груп“ во јуни од страна на нејзиниот мнозински сопственик, британскиот инвестициски фонд „БЦ Партнерс“.

Тој му рече на Лучиќ дека знае дека српскиот претседател не е задоволен што Суботиќ сè уште не е отпуштена, како што беше ветено, но дека му треба повеќе време да ја замени бидејќи прво се потребни други промени, според извор запознаен со содржината на разговорот.

ОЦЦРП не видел докази дека Вучиќ му наредил на Лучиќ или на некој друг да направи промени во Н1. Сепак, коментарите што Вучиќ ги даде во февруари оваа година во интервју за провладиниот телевизиски канал Пинк сугерираат дека тој знаел дека доаѓа промена. Вучиќ потоа рече дека некои вработени во Н1 ќе бидат отпуштени во ноември.

Портпаролот на претседателот на Србија, во краток одговор на прашањата на ОЦЦРП, изјави дека Вучиќ „не влијаел врз уредувачката политика на медиумите, ниту е заинтересиран за тоа“.

Во писмен одговор до ОЦЦРП, директорот на „Телеком Србија“ Лучиќ негираше дека разговарал за отпуштањето на Суботиќ со Милер.

„Ние не се мешаме во кадровските одлуки на другите компании“, рече Лучиќ, додавајќи дека неговите разговори со директорот на „Јунајтед груп“ биле за „технички и регулаторни прашања […] Не е споменато ништо поврзано со кадровски промени“.

Тој го опиша својот однос со претседателот на Србија како „исклучиво професионален и институционален, во согласност со управувањето со голема национална инфраструктурна компанија“.

Милер не одговори на прашањата од ОЦЦРП. Портпаролот на „Јунајтед груп“, сепак, рече: „Јунајтед груп“ негира дека соработува со некого на кампања насочена да ги „осакати“ или влијание врз уредувачката независност на Н1 Телевизија“.

На прашањето за знаењето на новинарите, Суботиќ, која е на чело на „Јунајтед медиа“ речиси 15 години, рече дека „е неприфатливо менаџерката назначена од инвестицискиот фонд ‘БЦ Партнерс’ да разговара за нејзиното отпуштање со директорот на конкурентска компанија, особено на ‘Телеком Србија’“.

Таа оцени дека ваквите разговори ја покажуваат намерата на владата да ја ослабне слободата на медиумите во Србија. Суботиќ нагласи дека нема да дозволи политичките или економските притисоци да влијаат врз уредувачката политика на медиумите под нејзино водство.

Портпаролот на ‘БЦ Партнерс’, мнозинскиот сопственик на „Јунајтед груп“, изјави: „Никогаш немало, и никогаш нема да има, прекумерно влијание од политички притисоци во која било земја во која инвестираме или работиме. Компанијата дејствува во најдобар интерес на фирмата и нејзините инвеститори. (…) ‘Јунајтед медиа’ отсекогаш гарантирала и ќе продолжи да гарантира независност на својот уреднички и новинарски персонал. Ова веќе е јавно потврдено во неколку наврати.“

„Н1кој не е сам“: Загрижени за судбината на независните медиуми, граѓани во Белград се собраа да ги поддржат новинарите на Н1