Објавен конкурс за новинарската награда „Никола Младенов“

Македонскиот институт за медиуми (MИM), по 18-ти пат го објавува конкурсот за новинарската награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија на изминатата година.

Целта на наградата што се доделува од 2001 е да го поттикне и поддржи истражувачкото новинарство, кое се смета за врвно новинарско достигнување и значаен елемент во зајакнувањето на демократијата во секое општество.

„Конкурсот е отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои истражувачки стории во медиумите во Македонија во текот на 2018 година, како и за оние новинари и редакции кои сакаат да пријават истражувачка сторија подготвена и/или објавена од колеги-новинари или од други редакции“, стои во повикот на МИМ.

Како што информираат од таму, не постојат ограничувања во однос на бројот на сториите со кои еден новинар или редакција можат да учествуваат на конкурсот.

Авторото на првонаградената сторија ќе добие 30.000 денари, второнаградената 20.000, а третонаградената сторија – 10.000 денари.

Конкурсот е отворен до 15 февруари (петок) 2019 година, а апликациите може да се испраќаат по електронска пошта: mim@mim.org.mk, по пошта до Македонски институт за медиуми, Јуриј Гагарин 17-1/1, Скопје, или лично да се достават во МИМ.

„Апликациите кои што ќе бидат испратени по пошта или доставени во МИМ треба да бидат во пет примерока, што важи и за печатените и за аудиовизуелните материјали (копии на це-де). Во апликациите доставени преку интернет треба да се наведе линк до сторијата, или истата да се прикачи како додаток во е-пошта (PDF документ)“, велат од МИМ.

Критериумите за избор на најдобрите истражувачки стории се достапни овде.