По петгодишна битка, Комитетот за елиминација на дискриминација врз жените при Обединетите Нации (ОН) утврди нееднаков третман и дискриминација кај две жени од Шуто Оризари на кои им било оневозможено да добијат гинеколошки услуги, соопштија од Иницијативата на жени од Шуто Оризари.
Од Иницијативата потенцираат дека ова е прва одлука на ОН со која се утврдува нееднаков пристап и дискриминација
од страна на гинеколог во Северна Македонија, по основ на етничката припадност.
Како што објаснуваат од Иницијативата се работи за случајот кога во септември 2016 година С.Б. и М.Б поднесоа тужба до Основниот суд во Скопје против една приватна гинеколошка ординација во Скопје откако во 2015 година биле одбиени да го изберат гинекологот за матичен и да го остварат своето право на здравствена заштита. Објаснувањето на медицинската сестра било дека ординацијата повеќе не прима млади пациентки. Двете жени бараа од Судот да утврди дека над нив е извршена дискриминација по основ на етничката припадност и дека им е повредено правото на еднаков третман за заштита на репродуктивното здравје. Истовремено, во 2015 година во истите денови жени од македонска етничка заедница исто така поднеле барање за избор на матичен гинеколог и биле веднаш примени и прегледани.
Основниот суд – Скопје ја отфрлила тужбата како неоснована, а Апелациониот суд ја потврдила оваа одлука. По исцрпувањето на националните правни лекови, во 2019 година Иницијативата на жени од Шуто Оризари, со поддршка од ХЕРА и Хелсиншкиот комитет за човекови права, поднела индивидуална претставка за сторена дискриминација на двете Ромки до Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените во ООН.
„На 77-та сесија, Комитетот утврди повреда на правата на двете Ромки загарантирани согласно членовите 1, 2 и 12 од Конвенцијата, односно повреда на правата и дискриминација во пристапот до услуги за сексуално и репродуктивно здравје. Поточно, Комитетот утврди дека државата не обезбедила а) практична реализација на принципот на недискриминација во пристапот до услуги за репродуктивно здравје, б) ефективна заштита од дискриминација на жени во рамки на судскиот систем и в) соодветни мерки за да ја елиминира дискриминацијата врз овие жени сторена од страна на инволвираните лица, односно приватната гинеколошка ординација. Одлуката на Комитетот е прва ваква одлука против нашата држава, што е особено значајно бидејќи јасно ги препознава дискриминацијата врз Ромките и потребата од достапна здравствена заштита поврзана со нивното сексуално и репродуктивно здравје. Комитетот посочува и на непреземањето на конкретни мерки од страна на државата, потребата од подигнување на свеста на судиите за дискриминацијата, како и на правните аспекти на товарот на докажување“, велат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари.
Согласно препораките од страна на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените од Иницијативата на жени од Шуто Оризари бараат:
– Државата да ги обесштети жените поради претрпената материјална и морална штета од нееднаквиот пристап до редовни гинеколошки услуги;
– Министерството за здравство во иднина да им обезбеди бесплатни здравствени услуги за репродуктивното здравје на Ромките кои се жртви на дискриминација и нехуман третман;
– Што побрзо да започне со работа новата гинеколошка ординација во општината Шуто Оризари што ја најави Министерството за здравство, а која и натаму не е во функција;
– Министерството за здравство да организира обуки за здравствените работници, особено за гинеколозите, во врска со дискриминацијата врз Ромите и нивните специфични потреби како дел од континуираната медицинска едукација;
– Владата на Република Северна Македонија јавно да ги објави одлуката и препораките на Комитетот со цел да бидат информирани сите сектори во општеството.
Дополнително, Иницијативата на жени од Шуто Оризари, со поддршка од ХЕРА и Хелсиншкиот комитет за човекови права, ќе поднесе барање за повторување на судската постапка со цел да им се вратат достоинството и честа на жените Ромки.
„Ние, Ромките, заслужуваме еднаквост во сите сфери на живеењето и еднаква заштита на репродуктивните права како и сите граѓани на државата. Будно ќе ги следиме процесот на спроведување на препораките на Комитетот од страна на надлежните институции и преземањето на системски мерки за унапредување на репродуктивни права на Ромките“, се заклучува во нивното соопштение до јавноста.