О2 Иницијатива: Барање до Гази Баба да го прекинe јавниот повик за изградба на тешка и загадувачка индустрија  

O2 Иницијатива денеска испрати барање до градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, претседателот на Советот Тони Бошковски и советниците да го прекинат веднаш јавниот повик за изградба на Г1 – тешка и загадувачка индустрија со давање под долготраен закуп на 99 (деведесет и девет) години на градежно земјиште сопственост на РМ.

Според еко-активистите, аргументите би требало да бидат доволни сами по себе, односно дека нов индустриски комплекс на овој потег во голема мера ќе ја влоши и така страшната состојба со аерозагадувањето.

„Ќе долие само на чашата која е веќе прелеана и ќе го зголеми бројот на заболувања кои загадениот воздух ги предизвикува: кардиоваскуларни, срцеви и мозочни удари, рак, респираторни, имунолошки пореметувања, итн. и со тоа ќе ја зголеми смртноста од аерозагадувањето. Исто така, дека нашето уставно право на здрава животна средина е загрозено, не се доволни во нашава држава, ние минатата недела до Уставен суд поднесовме Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на овој ДУП за Градска четврт „С 17“ Блок 1, Општина Гази Баба“, стои во соопштението на О2 Иницијатива.

Од таму очекуваат Уставниот суд позитивно да се произнесе по неа, како што го направил и со четири иницијативи за ДУПови во општина Карпош, поднесени од 02 Иницијатива.

„Поради можностите за финансиски штети што општината ќе ги сноси доколку не го прекине огласот според оспорениот ДУП, бараме да го прекине јавниот повик и стопира процесот до конечната одлука на Уставен суд. Ова е воедно и јавно повикување на Општина Гази Баба да не се обидува да лажира докази, а да го извести Уставниот суд за пропустот кој е направен од претходната локална власт, со што ќе го забрза процесот на донесување конечна одлука и ќе покаже решеност да работи во интерес на здравјето на граѓаните од општината и законски, а не во интерес на профитот од изнајмување простор на индустрија на која не и е место во нашата презагадена урбана средина“, соопштува иницијативата.

Инаку, откако во јавноста се прошири веста за можна изградба на објект со тешка и загадувачка индустрија во Гази Баба, градоначалникот Георгиевски негираше такво нешто. Потоа, О2 Коалиција повикувајќи се документи и правилници повторно фрли сомнеж за намерите за изградба.