НВО-та го унапредуваат општеството, но граѓаните не го препознаваат нивното влијание

„Граѓанските организации се коректив на власта“. „Граѓанските организации се странски служби“. „Тие се носители на промени“. „Се профитери“. „Претставуваат продолжена рака на државата“. „Организациите го подобруваат општеството“…

Ова се дел од измешани перцепциите на граѓани. Затоа што многумина различно го поимаат делувањето, активностите и улогата на цивилниот сектор. Истражување на „Паблик“ и фокус групи низ пет градови покажа дека над 60% од тамошната околина го перцепира граѓанскиот сектор во негативна конотација.

„Граѓаните не ги препознаваат промените кои се направени од граѓанските организации, меѓутоа можат да ја видат сликата, крајниот производ на она што се случува во општеството. И ако од една страна имаме недоверба, од друга страна – укажување на промени кои самите граѓани не се свесни дека се поттикнати од организациите“, рече денес Климентина Илијевска, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, при завршната конференција за проектот „Граѓанското општество – активен или пасивен чинител во општествените промени“.

Според Илијевска, граѓанскиот сектор има достигнувањата и успесите во сфери на социјалата, образованието, медиумите, културата и здравството.

„Процесот на деинституционализација е почнат од граѓанскиот сектор. Пристапот до ранливи групи е многу поизразен кај самите организации отколку она што успеваат да го  направат институциите. Истражувачкото новинарство воглавно доаѓа од здруженија на граѓани, а не од самите медиуми. Медиумската култура се развиваше преку здруженија на граѓани. Во однос на здравството, направени се поместувања за градење на релации со институциите“, рече Илијевска.

Климентина Илијевска

Александра Илиоска од „Паблик“ потенцираше дека изоставуваат долгорочни ефекти од делувањето на граѓанските организации. Тоа е поради неподготвеноста на системот и на институциите да ги синтетизираат, односно системски вградат нивните резултати.

„Исто така, истражувањето покажува дека организации ги редизајнираат своите стратегии согласно промената на општествената структура. Меѓутоа, клучниот момент –  организациите во своето делување настојуваат повеќе да се фокусираат на донаторската агенда, отколку реалните потреби на граѓаните“, нагласи истражувачката.

Организациите и тоа како поттикнуваат нови актери во општествената сфера, во вид на нови групи, движења, форми, а посебно ги спомена групите на самопомош. Станува збор за здружување кое работи на волонтерска основа.

„Би сакала да ги истакнам движењата за самохрани родители, лицата со ретки болести и ЛГБТИ-заедницата. Сепак, поголемата видливост на граѓанските организации не значи нивно поголемо влијание. Тоа значи дека, сепак, резултатите на малите организации кои се вкоренети во локалните заедници и тоа како остануваат невидливи и за пошироката јавност, и за креаторите на јавните политики“, констатираше Илиоска, дополнувајќи дека организациите во своето работење промовираат транспарентност, добро владеење и граѓанско учество.

Граѓанскиот сектор – и коректив и партнер на институциите

При денешниот настан се одржа панел-дискусија „Како до значајни општествени промени: Визии за иднината на граѓанското општество“.

Според Ило Трајковски, професор на Институт за социологија при Филозофски факултет, довербата и во институциите, и во граѓанскиот сектор, сѐ уште е проблем во Македонија. Смета, малку средства од државниот буџет минуваат низ граѓанскиот сектор. Затоа, неоходна е општествена структурална преобразба.

Ило Трајковски, Нано Ружин и Бојан Маричиќ (од лево кон десно) на денешната панел-дискусија

„Погрешна е перцепцијата дека граѓанскиот сектор треба да служи само како коректор на власта и да стапи на сцена кога има аномалија. Тоа беше во друг систем. Денес имаме нов начин на уредување, и трендовите во современите општества овој сектор го третираат како партнер, и на власта и на стопанството“, вели тој.

Нано Ружин, пак, ректор на Факултетот за политички науки и дипломатија, негува доза скепса за приближувањето на невладиниот сектор кон владата, зошто, како што вели „таа си има свои интереси“.

„Неопходна е внимателност кон партнерствата во општествата во транзиција. Имаме поголема демократичност, но, мора да сме внимателни. Иако, сметам дека невладиниот сектор е многу важен и силен и на меѓународен план. Граѓанското општество во идинина ќе игра голема улога и во дипломатијата. Станува една од главните компоненти на нашиот живот. Се’ уште сме во период кога овој сектор мора да се наметнува и како коректив и како контролор на власта. Но, мислам дека оваа политика сфатила дека граѓанските организации се битен фактор и еден од најзаслужните за промените кои треба да дојдат“, нагласува Ружин.

Бојан Маричиќ, посебен советник за евроатлански интеграции во Канцеларијата на Претседателот на Владата, пак нагласи дека граѓаните ги интересира како се трошат нивните пари, колку луѓе се вработени во јавната администрација, како се плаќаат.

„Оваа власт има поинаков однос и уважување на ставовите на граѓанските организации. Застанува на страна на вредности како: транспарентност, отчетност, инклузивност, за кои, политичарите не секогаш се свесни, а тука големо влијание има приближувањето на невладинито сектор. Мислам дека сега веќе нема трендови на гушење на криктиката или прикривање на информации, што го крева степенот на одговор на потребите на јавниот интерес“, вели Маричиќ.

Билјана Петковска (лево) и Моника Божиноска

За Билјана Петковска од МИМ, граѓанските организации во голема мера влијаат и ја подгинуват свеста на граѓанинот за постоечкиот систем на клиентелизам и корупција во сферата на медиумите, но, активно работат и на аспектот за медиумска писменост.

Моника Божиноска, проектна координаторка во „Цивика мобилитас“, пак, потенцираше дека е важно како организациите го комуницираат својот импакт. Исто така, во континуитет да ги вклучуваат граѓаните во својата работа, стратешко планирање. Ова, според неа, е заради подобрување на својата позиција и придобивките за целата јавност.

Граѓанските организации ќе можат да го измерат сопствениот импакт

На настанот беше претставен и Инструментот за мерење на влијанието на граѓанскиот сектор врз општеството.

Според „Паблик“, ова е ваков прв контексуализиран инструмент.  Целта е да се утврди колку граѓанските активности се ефикасни и колку носат промени.

„Недоволната флексибилност и адаптибилност на граѓанските организации да допрат до јавноста на нов, поинаков начин од претходно наученото делумно ги маргинализира. Организациите се соочуваат со недостиг на капацитети да ги сумираат и да ги комуницираат своите резултати, а со тоа и да ја позиционираат својата општествена улога“, рече истражувачката Катерина Мојанчевска, која го претстави Инструментот.

Бојан Шашевски