Нухиу: Мигрантите секојдневно се обидуваат нелегално да влезат во Македонија

Иако е затворена Западно-Балканската рута за мигранти, во Македонија сепак има секојдневни обиди за нелегален влез, оцени денеска заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу на Министерската конференција во рамки на Салцбуршкиот форум и Групата на пријатели од Западен Балкан и Молдавија, која денеска се одржа во Варшава, Полска.

„Со помош на странските полициски службеници кои се дел од Заедничката операција која Македонија ја почна на 21 декември 2015 година и која се уште е во тек, успеваме на вистински начин да се справиме со мигрантите, а пред се со криумчарите, поради што голем дел од нелегалните мигранти се откриени, фатени и покренати се обвиненија против голем број на криумчари“, посочи Нухиу во своето обраќање на тема „Моменталните предизвици во областа на граничното управување во Европската Унија и во непосредното соседство“.

Грчката полиција вчера сопрела околу 200 мигранти и баратели на азил кои тргнаа од Солун кон границата со Македонија за да го продолжат патот кон другите европски земји.