Нудерини: Ако општините не реагираат за загадувањето, Владата ќе може да ограничува загадувачи и сообраќај

На краткорочен план ќе формираме работна група, каде ќе повикаме различни инспектори со цел да се осигураме дека загадувачите не загадуваат. Затоа Законот за квалитет на амбиенталниот воздух е многу важен, а неговите измени ќе бидат доставени во најкраток рок до Собранието. На општините ќе им следуваат обрски за аерозагадувањето, а доколку не спроведат акции, тогаш како Влада законски ќе имаме можност да преземеме акции (за загадувачите), да ограничуваме сообраќај, да менуваме работни часови, ограничуваме аспекти со греењето и сл., најави денес министерот за животна средина Насер Нуредини.

Нуредини ја одржа првата прес-конференција по добивањето повторен мандат. На терасата во Министерството за животна средина (МЖСПП), под посебни протиколи и пред новинари со маски, старо-новиот министер зборуваше за планот за работа за првите 100 дена, начините за справување со загадувањето, долгорочните активности и законите поврзани со овој сектор, кој преку поглавјето 27 на ЕУ се смета за еден од најобемните и најскапите.

Сепак, на прашањето на Радио МОФ, Нуредини не можеше да даде детали за тоа колку точно средства ќе бидат лоцирани за животна средина за 2021 година. Ова е горлив проблем во борбата со загадувањето, што е нотирано и од меѓународните ревизори, и од еко-организациите. Дополнително дојдоа и реакции кога со кризниот ребаланс беа преполовени средствата за мониторинг и заштита од загадување, а Буџетот на МЖСПП беше намален за 25%, односно 200 милиони денари.

„За средствата во животната средина, верувајте барам и ќе продолжам да барам повеќе пари. Императив е сите институции да работат заедно. Кога велам одржливи инвестиции, не мислам само на МЖСПП, туку и на Министерството за транспорт, образование, економија… Не може да постигне само МЖСПП. Мора сите да работиме за да ги оствариме заедничките цели“, рече Нуредини.

Според министерот „нема компромиси со животната средина“.

„Ги повикувам инспекциските служби од сите служби од сите области, а во рамките на Владата ќе барам засилување на капацитетите, за соодветна контрола на теренот и казнување на секаков вид загадување. Ќе се заложам за подобра координација на овие служби“, рече тој.

Лани беше донесен Закон за инспекциски надзор, кој наиде на различни реакции, бидејќи донесе „опомена“ пред „казна“ за инсталациите. Дополнително од МЖСПП беше најавен посебен Закон за инспекциски надзор во животната средина, кој во духот на Архуската конвенција ќе можат да бидат објавувани записниците на инспекторите.

Засега, според Нуредини, тој „е во изработка и наскоро ќе биде финализиран“.

Во поглед со проблемите со отпадот, нагласи дека МЖСПП е институција што се занимава со креирање политики, па и локалните власти треба да си ги знаат надлежностите.

„Фрлањето отпад во природата е незаконско. Палењето оган исто така е незаконско. Бараме сите институтуции да ги исполнат своите обврски, согласно законите, без оглед дали се работи за пожарна, полиција, обвинителство, или локалните власти. Мора да ги извршуваат задачите. Палењето отпад е кривично дело! Имајќи предвид целата ситуација со Ковид-19, многу сме свесни за поврзувањето на аерозагадувањето и палењето отпад, па, ако мене ме прашувате, тоа го чини двојно кривично дело“, нагласи Нуредини.

Во областа на управувањето со отпадот, рече тој, веќе се спровеле расправите и е завршен процесот на јавна консултација на 6 нови закони за управување со отпадот. Со нив се предвидува унапредување на примарната селекција на посебните текови на отпад. Исто така, посебен режим и на управувањето со отпад од возила, гуми, масла и текстил, забрана на екстралесните пластични ќеси, се зголемуваат целите за рециклирање и се имплементираат принципите на циркуларната економија.

„Овие закони веќе се во меѓуресорска хармонизација во Владата и очекуваме да бидат доставени до Собранието во првите 100 дена од мандатот“, рече Нуредини.

За северно-источниот и источниот регион се финализира планот за менаџирање на отпадот, што е инвестиција од 36 милиони евра од ИПА фондовите. Во однос на другите региони од исток до запад, има две различни студии.

„За Полошкиот регион, СЕКО понуди средства од висина од 1,9 милиони франци (1,75 милиони евра) да се започне со рехабилитација на Русино, да се заврши патот до Русино, постави пречистителна станица, објект за работниците… Ако ги завршиме овие работи, (СЕКО) ни ветија дека ќе ни дадат дополнителни 6-7 милиони франци да го доразвиеме полошкиот систем за менаџирање отпад“, рече Нуредини.

Околу Русино, апелирале до локалните власти да го поминат инфраструктурниот план за да може да почнат со нивниот дел од работата. Сфаќа дека граѓаните што протестираат се загрижени, вели тој, но локалната самоуправа мора да го реши тоа, за да можат да почнат инвестициите на швајцарците.

Во 2018 е донесена одлука преку која Владата може да ги одземе надлежностите од самоуправата доколку нема решенија, но, дополни тој, досега не ja искористиле.

„Русино е сепак транзициска депонија. Планот беше да може да се користи до 10 години максимално, но идејата е таа да не постои. Идејата е да имаме ‘нула отпад’, што е прекрасна еколошка идеја, но не постои нешто како ‘нула отпад’! Од сите региони, Полошкиот регион е наш императив за следните години. Ако го затвориме Русино, каде ќе оди отпадот од 330.000 жители? Идејата е да намали бројот на депонии и количините што се фрлаат, да се воведе циркулирана економија, тоа е иднината“, рече тој.

Зборуваше и за депониите Визбегово и Вардариште, црните точки на Скопје. Денес во Вардариште повторно протестираат граѓани, а градоначалникот Петре Шилегов рече дека се потребни најмалку 25, а највеќе 40 милиони за целосна санација на депонијата. Нуредини сфаќа дека „Градот Скопје нема соодветни средства за нејзино чистење, но треба сите да бидат свесни и  за нивниот буџет како министерство“.

„Ќе направиме се’ што треба да создадеме план за чистење на овие стари диви депонии, истовремено апелирам од општините да ги спречат луѓето да фрлаат отпад“, рече Нуредини.

Министерот најави и зголемување на бројот на мерни станици, а деновиве се подготвува теренот и се очекува пристигнувањето на нова мерна станица во Гевгелија. Сепак, не може да предвиди колку време би траело поправање доколку некоја прекине да работи.

Понатаму, посочи дека вчера бил објавен Нацрт-Законот за прогласување на Шар Планина како национален парк, па во следните 30 денови ќе можат да се доставуваат коментари и ќе има 4 јавни расправи.

Меѓу другото, најави дека се работи на студии за валоризација на низа нови подрачја, како и Охридското езеро, но и плановите за управување на Галичица и Пелистер.

„Веќе го доставивме до Владата предлогот за прогласување на заштитено подрачје на Студенчишко блато, како и е подготвена апликацијата за номинација на Охридското Езеро пред Рамсарскиот комитет. Прогласувањето на заштитата на Водно веќе е во владина процедура, а се финализира и за Матка“, рече Нуредини.

Исто така, според старо-новиот министер се изготвени измените во Законот за животна средина, каде е предвидена прецизна методологија за идентификација и спроведување на план за ремедијација на историското загадување во земјата.

Бојан Шашевски