Новогодишна ноќ во Скопје – труењa со алкохол, сообраќајки, скршеници

За време на новогодишната ноќ на Клиниката за токсикологија во Скопје биле примени 16 лица во акутна алкохолизирана состојба, главно девојчиња на возраст од 14  до 21 година. Како што информираат медицинските служби, во текот на ноќта третирани биле и повредени во сообраќајни несреќи, петарди и скршеници.

„Во текот на вечерта се примени 32 пациенти, од кои 16 во акутна алкохолна состојба претежно девојчиња од 14 до 21 година, сите се пуштени на домашно лекување. Во текот на ноќта се примени и двајца пациенти од труење со CO односно со јаглеромоноксид кои се грееле со манган“, соопшти д-р Нестор Поповски од Клиниката за токсикологија.

На Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ на преглед се јавиле 52 пациенти од кои девет биле повредени во тепачки, три од сообраќајни незгоди, тројца пациенти со повреда од петарда и двајца пациенти со акутен абдомен. Дежурната екипа на Универзитетската клиника за трауматологија пак ноќеска прегледала 56 пациенти. Од нив, 15 биле повредени во сообраќајни незгоди, седуммина во физички напади и двајца пациенти биле повредени од паѓање.

Во текот на изминатата ноќ Службата за итна медицинска помош во Скопје интервенирала кај 137 лица, а во ноќните пунктови биле извршени вкупно 172 прегледи. Пет од интервенциите биле за лица во алкохолизирана состојба коишто биле префрлени на Клиниката за токсикологија, од кои четири лица биле малолетни.

Други пет лица настрадале во сообраќајна незгода, шест лица се јавиле за тепачки на јавни места, од кои две биле малолетни. Меѓу интервенциите пет биле во врска со падови поради мразовите за паднале и се здобиле со скршеници, а интервенирано било и кај десетгодишно дете повредено од петарда.