Денес во 12 часот има ново рочиште од судскиот прогон против нашиот член Мариглен Демири за неговото учество во протестите минатата година. Голготата продолжува. Но и борбата, соопштија од партијата Левица.
На претходното рочиште во јануари Демири се изјасни за невин, откако беше прочитано обвинението против него. Јавното обвинителство го товари дека кршел и фрлал предмети и заедно со толпа граѓани на 13 април ја оштетиле народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, за време на протестите против аболицијата на 56 функционери и нивни соработници, главно поврзани со случаите со прислушувањето.
Според проценките направени од вештачењето, државата од Демири бара оштета од 522.000 денари (близу 8.500 евра). Одбраната го оспори вештачењето и рече дека е направено на незаконски начин.
Инаку, освен Демири, судски процес за учество на протестите уште од лани се започнати и против други членови од Левица – Здравко Савески и Владимир Куновски. Од оваа партија рекоа дека е ова прогон на нивните членови и Левица претставува трн во окото за многумина.