Демири се изјасни за невин, државата бара 8.500 евра оштета за канцеларијата на Иванов

Мариглен Демири од Левица се изјасни за невин, откако на денешното рочиште во Кривичниот суд беше прочитано обвинието против него. Јавното обвинителство го товари дека кршел и фрлал предмети и заедно со толпа граѓани на 13 април ја оштетиле народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, за време на протестите против аболицијата на 56 функционери и нивни соработници.

Според проценките направени од вештачењето, државата од Демири бара оштета од 522.000 денари (близу 8.500 евра).

На денешното рочиште дојде и претставник од Канцеларијата на Иванов. Адвокатот Сашо Дуковски побара да се провери полномоштвото што тој го доставил до судот, а судењето се одложи за 14 март.

Дуковски го оспори вештачењето и рече дека е направено на незаконски начин.

„Според правилата на процесната економија, оваа постапка треба да трае најкратко разумно колку е можно. И ако не ги отстраниме процесните прашања кои излегуваат на секое рочиште, во тој случај ќе се соочиме со многу проблеми во понатамошниот тек на постапката. И затоа беше мојот приговор во однос на тоа дали тоа лице може да има таков статус каков што има во постапката“, рече Дуковски.

Инаку, освен Демири, судски процес за учество на протестите се води и против други членови од Левица – Здравко Савески и Владимир Куновски. Од оваа партија сметаат дека е ова прогон на нивните членови и Левица претставува трн во окото за многумина.

„Се применуваат различни методи да се спречи нејзиниот раст, посуптилни и помалку суптилни. Помеѓу тие методи е и поведувањето на судски процеси против членови на Левица и нивно одолговлекување до недоглед. Но ние порачуваме: нема да потклекнеме, нема да нè скршите! Нашето време доаѓа!“, реагира денеска од Левица.