Новинарските прашања не смеат да се третираат како напад – реакција на ААВМУ

По Здружението на новинари и ССНМ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги реагираше на одговорот и реакцијата на гувернетот на Народна банка Трајко Славески, на новинарско прашање поставено од новинар на Канал 5 ТВ за време на јавен настан со отворен карактер каде беа поканети да присуствуваат и медиумите.

Во текот на вчерашниот ден, ЗНМ и ССНМ се огласија со заедничко соопштенија и реакција за односот на гувернерот на НБРМ кон поставеното новинарско прашање, потсетувајќи на потребата од транспарентно водење на јавните институции, етичност во информирањето на јавноста и почит кон работата на новинарите и медиусмките работници.

За ЗНМ и ССНМ, ваквиот настап е недозволив за носител на висока јавна функција. Новинарите не се должни да трпат омаловажување, инсинуации и префрлање на вина само затоа што поставуваат непријатни, но легитимни прашања во интерес на јавноста. Наместо аргументи и отчетност, јавноста виде обид новинарските прашања да се претстават како напад, а новинарите да се дискредитираат пред камери, стои во нивното соопштение.

Во соопштението на ААВМУ се вели дека новинарските прашања се поставуваат од аспект на јавен интерес и треба да се третираат како теми значајни за јавноста.

Новинарските прашања претставуваат составен дел од демократскиот процес и не смеат да се третираат како напад, ниту пак новинарите смеат да се дискредитираат поради извршување на своите професионални обврски, стои во соопштението.

Од Агенцијата потсетуваат дека носителите на јавни функции имаат обврска да соработуваат со медиумите и новинарите за теми кои се од интерес на јавноста и се задолжени транспарентно и во духот на демократијата да раководат со институциите.

Носителите на јавни функции имаат обврска да демонстрираат високо ниво на политичка култура, одговорност и професионалност, со што придонесуваат кон зајакнување на довербата на граѓаните и медиумите во институциите. Ова е особено значајно имајќи ја предвид нивната улога во обезбедувањето транспарентност и отчетност кон јавноста, се вели во соопштението.