Новинарски здруженија: Не смее да се дозволи закон за државно рекламирање во медиумите

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) преку соопштение до јавноста изразија спротивставување на евентуалните измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои би било дозволено рекламирање на јавни институции во медиумите.

ССНМ, ЗНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека е недозволиво состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од пред четири години кога со државни средства, на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми.

„Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување“, посочуваат организациите.

Оваа реакција на четирите организации следи по вчерашната најава на премиерот Зоран Заев кој изјави дека наскоро „ќе биде даден предлог од МИОА за укинување на членот 102, односно негова промена за да може да ги помогнеме медиумите преку остварување договори со јавни претпријатија, општини и слично, во делот на нивната транспарентност и спроведување на нивните одлуки како што се седниците на управни одбори, на совети итн“.

Новинарските здруженија и организации напоменуваат дека оваа изјава на Премиерот е спротивна на владините политики, како и на претходните изборни ветувања на СДСМ дека нема да има јавни пари во приватни медиуми.

„Сметаме дека доколку ваквиот предлог биде прифатен нема да донесе никакво подобрување на состојбата во медиумите и слободата на информирање, туку напротив дополнително ќе го поремети и онака ранливиот медиумски пазар и ќе го засили клиентелизмот. Да се потсетиме дека парите на граѓаните завршуваа на приватни сметки, но не се трошеа за подобрување на квалитетот на програмата и содржини од јавен интерес, ниту за поголеми плати на медиумските работници“, додаваат во соопштението.

Од ССНМ, ЗНМ, МИМ и СЕММ додаваат дека не се против одредена финансиска поддршка за медиумите, чија што основна задача треба да биде штитење на јавниот интерес и на интересот на граѓаните. Сепак, тие сметаат дека таа помош треба да произлезе од претходна јавна дебата и да се води од начелото – „помош за професионалното новинарство“, односно финансиските средства исклучиво да смеат да се користат за проекти од јавен интерес, врз основа на претходни јавни конкурси и за подобрување на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници.