Нови антивладини протести избувнаа во полските градови синоќа, непосредно откако највисокиот суд на земјата ја потврди својата пресуда со која дополнително ќе се заостри строгиот закон за абортус.
Забраната за абортуси стапи на сила откако законот беше објавен синоќа во Службен весник.
Илјадници луѓе се собраа пред зградата на судот во Варшава во вечерните часови, по повиците за нови протести на женските групи кои организираа неколкунеделни масовни демонстрации минатата година против првичната пресуда во октомври.
Демонстрантите подоцна маршираа низ центарот на градот до седиштето на владејачката партија.
Протести се одржаа и во многу други градови, под силно полициско присуство. За денеска се планирани повеќе демонстрации.
Законот, првично усвоен во октомври, беше одложен поради широко распространетите протести низ целата земја против оваа мерка.
Владејачката конзервативна влада на Полска објави на Твитер: „Уставниот суд презентираше писмено оправдување на пресудата за заштита на животот. Во согласност со уставните барања, пресудата ќе биде објавена денес во Службен весник“.
Уставниот суд, кој беше реформиран од религиозната, конзервативна Партија на правото и правдата, забрани абортуси на фетуси со вродени аномалии. Прекинувањето на бременоста сега ќе биде дозволено само ако е загрозено здравјето на жената или ако бременоста е резултат на кривично дело, како што се силување или инцест.
Критичарите тврдат дека со ова се стеснува веќе строгиот закон до скоро тотална забрана за абортуси.
Полска веќе беше меѓу државите со најстрог закон за абортус во Европската Унија. Дури и пред изрекувањето на пресудата, многу жени имале абортуси во соседна Германија или Чешка. Според феминистичките организации, околу 200 000 абортуси се вршат нелегално или во странство секоја година.