Отворањето ладна вода или сок во жежок ден понекогаш нè прави нетрпеливи, но наскоро сите во Европа ќе мора да се навикнат на новите пластични шишиња со капачиња прицврстени за шишето.
Од јули, според директива на Европската Унија од 2018 година, сите пластични шишиња за пијалаци до три литри мора да имаат капаче што останува поврзано со пакувањето.
Новиот дизајн е едноставен: наместо капачето целосно да се одвојува при отворање, тоа е врзано со пластични ленти за грлото на шишето. Целта е да се намали пластичниот отпад, бидејќи токму капачињата се меѓу најчестите пластични предмети што завршуваат на плажите и во океаните.
Кока кола беше меѓу првите компании што ја прифатија промената и веќе го проширија новиот дизајн низ Европа. Од компанијата истакнуваат дека оваа мала измена може да има големо влијание, бидејќи ќе поттикне повеќе рециклирање и ќе спречи капачињата да завршуваат како отпад.
Сепак, дел од потрошувачите се незадоволни и на социјалните мрежи се жалат дека капачето им пречи при пиење или точење. И покрај почетните отпори од производителите, мерката е дел од поширок план на ЕУ за намалување на пластиката за еднократна употреба.
Иако Велика Британија повеќе не е членка на ЕУ, големите компании воведуваат исти капачиња и таму, бидејќи масовното производство на различни дизајни за различни пазари е комплицирано.
Извор: EuroNews
Фото: Freepik



