Нови четири случаи на коронавирус во државава, се тестираат уште 30 лица

Вкупната бројка на заболени со новиот коронавирус во државава е 35 пациенти, односно има четири нови случаи, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

„Сите новодијагностицирани се со лесна клиничка слика. Стабилна е ситуацијата на сите пациенти на Клиниката за инфективни болести. Понатаму, на пациентите во Дебар исто така, стабилна е состојбата и на пациентката која што е на респираторна машина, нема знаци за влошување на нејзината состојба“, рече Филипче.

Моментално се прават анализи на уште 30 лица, од кои едно лице од Куманово, две од Скопје, а останатите се граѓани на Дебар и околината, дел од скринингот кој се прави.

„Станува збор за лица кои што немаат симптоми, но е можно да биле во контакт со некои од заболените. Тој скрининг добро се спроведува, имавме разговор и со нашиот инфектолог, професорот од Скопје, локалните инфектолози и епидемиологот, тие имаат направено една шема, алгоритам по која постапуваат“, рече Филипче.

Вчеравечер била поставена и индикација за тестирање на 12 лица од авионот кој слета од Брисел, но тестовите се покажале како негативни. Патниците од авионот, додаде Филипче, се пуштени во задолжителна самоизолација согласно препораките.

Исто така, преку граничниот премин „Деве Баир“ вчера стигнала група од 10 луѓе кои се сместени во Пепелиште. Патниците се прегледани од епидемиолог, а поради тоа што е можно да пристигнат повеќе луѓе, тие ќе бидат префрлени во заводот во Демир Капија, соопшти Филипче.

„Имаше реакции дека условите таму се лоши, дека не се соодветни, затоа веднаш преземавме мерки за нивно префрлање. Се надевам дека ќе имаат разбирање за ова, со оглед на важноста за индикација на оваа мерка“, додаде Филипче.

Во однос на владиниот предлог за воведување вонредна состојба на територијата на државата, Филипче вели дека досега здравствениот сектор практично и функционирал во една вонредна состојба, со поставувањето пунктови на граничните премини, спремноста за препознавање на пациентите, но и спроведување на соодветни протоколи за мониторинг за лекување на Клиниката за инфективни болести.

„Меѓутоа, сметам дека оваа вонредна состојба со ингеренциите кои што и се даваат на владата, дополнително ќе помогне во спроведувањето и евентуално заострување на некои од мерките кои што и досега се воведоа и се спроведуваат во нашата држава. Дополнително, нормално и дозвола, можност и другите сектори и институции се престројат и да можат да имплементираат соодветни мерки во интерес на граѓаните“, рече Филипче.

Владата предложи вонредна состојба во државата