Нови анти-владини протести во Србија

Илјадници граѓани во Белград синоќа го одржаа шестиот анти-владин протест под слоганот „1 од 5 милиони“. Собирот започна пред Филозофскиот факултет, по што илјадниците граѓани маршираа низ улиците на главниот град на Србија.

Учесниците на протестот се задржаа пред зградата на српскиот национален сервис РТС, каде од директорот и главниот уредник на информативната програма побараа оставки бидејќи нанеле срам на новинарската професија. Таму била пуштена и шпицата од националниот дневник и бил поставен транспарент „Почна“.

Покрај Белград, синоќа граѓани демонстрираа и во Крагуевац, а претходните два дена собири се одржаа и во Ниш и Куршумлија.

Бранот протести првично започна поради нападот на лидерот на српската левица, Борко Стефановиќ, со барања да се откријат сторителите и власта да престане со насилството кон неистомисленици.

Целите на движењето потоа се проширени со барање за одвојување пет минути за протестите на РТС и избалансирано известување за сите политички опции во информативните програми, како и пронаоѓање на убијците на опозицискиот политичар Оливер Ивановиќ и нарачателот на нападот врз новинарот Милан Јовановиќ. Се бара оставка и од министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ.