Денеска, 1 септември, започнува новата учебна година за 245 илјади ученици во Македонија. 177.800 од нив се основци, а 67.200 средношколци. Според министерката за образование и наука Весна Јаневска обезбедени се учебници за сите ученици, условите за настава во повеќе училишта се значително подобрени, а инклузијата е „подигната“ со ангажирање на зголемен број образовни асистенти во основното, но и средното образование.
„Со нов Закон за учебници во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, меѓу кои и сите издавачки куќи во Македонија, системски е решен предизвикот со учебниците кој се провлекуваше со години. Повеќе нема предмети во основното образование без учебници, нема користење на учебници без склучени договори и регулирани авторски права и нема доцнење на испораката со месеци. Сите учебници се испечатени и над 90% од тиражот е веќе испорачан“, истакна Јаневска.
За подобрување на образовната инфраструктура во период од една година отпочнат е инвестициски циклус од 67 милиони евра. Дел од градежните проекти се завршени, а дел во фаза на реализација, посочи министерката.
Покрај ова, според неа, од годинава учениците ќе се запознаваат со придобивките од вештачката интелигенција и ќе учат етички да ја користат за образовни цели.
„Вештачката интелигенција влегува во наставата. Со задоволство споделувам дека е изготвен сеопфатен прирачник за едукација и на наставници и на ученици, со јасни инструкции за етичка и ефикасна примена на новите технолошки алатки за образовни цели“, рече министерката, изразувајќи благодарност до професорите од Факултетот за информатика во Штип. Најави и обуки за наставниците, кои ќе следат на самиот почеток на учебната година.
Исто така, започнува и примената на нов електронски дневник кој, како што рече Јаневска, има значително подобри перформанси од претходниот и наставниците ќе можат да се најават и пополнуваат податоци во секој момент.
Што се однесува до инклузијата во училиштата, пак, годинава се ангажирани 1346 образовни асистенти во основните и 130 во средните училишта.
„За првпат е воведено и формално образование за децата на долготрајно болничко лекување и тие повеќе нема да губат настава. Зависно од нивната состојба ќе можат да се вклучуваат онлајн во својот клас или пак, наставникот индивидуално ќе работи со нив“, истакна министерката.
Таа очекува наставниците мотивирани да ја започнат новата учебна година во која нагласи дека ќе има зголемување на платите од 7,5% до 10% во зависност од степенот на инфлација.
„Во новата учебна година, обезбедена е поголема поддршка за талентираните ученици, односно целосно покривање на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади. А за сите ученици е овозможено професионално, односно кариерно насочување“, рече Јаневска.
Наставата и годинава ќе трае до 10 јуни, освен за матурантите за кои редовните часови ќе траат до 15 мај.